Ако имаш некој познат, многу полесно и побрзо ќе завршиш работа. Ова „правило“ се уште важи кога станува збор за функционирањето на државните институции, покажува последното истражување спроведено во рамки на проектот „Граѓански ориентиран пристап при испорака на јавни услуги“.
Граѓаните се задоволни од квалитетот на јавните услуги, но не и од брзината со која институциите им ги испорачуваат. Сметаат и дека цената на некои од услугите треба да се намали, особено во здравството.
Граѓаните, од друга страна, не се подготвени за целосна дигитализација и електронско комуницирање со институциите (доставување барања и апликации, добивање решенија, потврди, документи). Над 85 отсто преферираат одење и чекање по шалтери.
Анализата покажува и дека на преку 50 отсто им треба повеќе од еден пат да отидат до некоја институција за да добијат информација околу соодветната услуга и постапката за нејзино добивање.
-Граѓаните се жалат на нееднаков третман. Велат, ако имате познати во институциите, полесно ќе завршите работа. Ова е една од работите што секаде во светот биле надминати со диготализација на процесите. Со дигитализацијата во голем дел ќе биде исклучен човечкиот фактор што значи и поголема достапност, како и еднаквост во добивањето на услугите, изјави Искра Белчева Ристовска од Центарот за управување со промени кој го спроведува проектот.
Според неа, граѓаните најмногу користат здравствени, образовни и услуги од социјалната сфера. Повеќето се жалат дека на институциите им треба време да одговорат на нивните барања. Сепак, не се подготвени да платат повеќе за јавната услуга да им се испорача комерцијализирано, преку приватна компанија. Исто така, би сакале да видат и намалување на цената на добивањето на јавните услуги, најмногу на здравствените.
Дигитализацијата не е ништо страшно. Граѓаните треба да сфатат дека тоа се прави за нив, да губат помалку време и енергија, но и средства за да ја добијат бараната услуга, да го избегнат редот на шалтерите, да им овозможиме поквалитетни и подобри услуги, да можат истите документи да ги користста во правниот промет како хартиените, рече заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски.