Промовирани огласи »

Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар” донесе Одлука за усвојување на новиот Ценовник на услуги и надоместоци на јавните паркиралишта со кои стопанисува. Зголемувањето на цените на паркинзите се воведува за како што велат да се намали бројот на паркирани возила во централното градско подрачје и да им овозможи на жителите похумани услови за живеење.

Во Општина Центар живеат повеќе од 45.000 жители кои секојдневно се соочуваат со сериозен проблем со паркирањето и поминуваат по неколку часа во нивните автомобили барајќи слободно паркинг место. Со цел да им се овозможи на жителите полесен и побезбеден пристап до нивните домови, од 8 јануари 2020 година, цените за паркинг за 1 час на комерцијалните паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар ќе се покачат за 20 денари, се вели во соопштението од јавното претпријатие.

Ова покачување се однесува само за паркиралиштата со наплата, додека цените за месечниот билет, дневната паркинг карта и останатите услуги на ЈП ПОЦ остануваат исти. Жителите на Општина Центар и понатаму ќе можат бесплатно да ги користат комерцијалните паркиралишта и монтажните гаражи со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар.

Одлуката за усвојување на новиот Ценовник на услуги и надоместоци на јавните паркиралишта со кои стопанисува претпријатието, донесена од Управниот одбор на ЈП Паркинзи на Општина Центар, едногласно беше изгласана од советниците на сите политички партии на последната седница на Советот на Општина Центар, додаваат тие.

ЈП Паркинзи на Општина Центар апелира до сите граѓани кои не се жители на Општина Центар да ги остават своите автомобили и да го користат повеќе градскиот и  алтернативниот превоз (велосипеди, електрични тротинети и т.н.) со кој значително ќе се реши сериозниот проблем со паркирањето во Општина Центар, како и проблемот со загадувањето на воздухот и животната средина.

Промовирани огласи »

Новонасадените јапонски цреши на улицата Максим Горги во центарот на градот станаа место каде што се фрлаат отпушоци и друг вид отпадоци. Иако се крена голема врева кога старите цреши беа исечени, сега пак, кога се засадија нови тие не се почитуваат и стануваат место за отпад.

Првозасадените цреши беа исечени затоа што беа болни од тоа што некој во нивниот корен истурал отпадна вода со хемикалии. Јасно е дека продолжува непочитувањето на комуналните правила и непочитувањето на природата. Кога градот има енормен недостаток од зеленило и кога се вложува во него посебно во вака вредни садници тогаш навстина е крајно нецивилизирано тоа некој да не го почитува и да го уништува. 

Јапонските цреши, посебно во нивниот период на цветање, станаа своевиден симбол на центарот на градот а посебно на улицата Максим Горки која буквално беше наjфотографираната улица во градот во тој период. 

Промовирани огласи »

Од неодамна на скопскиот аеродром се воведени е-порти за предпристапна контрола. Ова денес беше објавено на фејсбук профилот на скопскиот аеродром, а во интервју за Скопје Инфо го истакна и првиот човек на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој. Согласно ЕУ регулативата тие се функционални само за државјаните на ЕУ или пак тие кои не патуваат во некоја од земјите членки на ЕУ.

Од неодамна, инсталиравме е-порти, кои се наоѓаат во зоната на претходна контрола на бординг. Ова значи дека патниците со рачен багаж, кои направиле онлајн регистрација пред да дојдат на аеродромот, ќе можат директно да одат на Пасошка контрола, откако претходно самите ќе направат скенирање на авионските карти. Сепак, заради регулативите на ЕУ, државјани на земји кои не се членки на ЕУ, а кои патуваат во некои земји од ЕУ,  треба да се појават на шалтерите за регистрација, истакна тој во интервјуото.

Освен е-портите во 2019 година со поддршка на Град Скопје беше воведа Wi-Fi услугата на скопскиот аеродром. За следната година најавено е отворање просторијата за пушење, која ќе се воведе во делот на Заминувања, по Пасошката контрола, во близина на Излезите.

Промовирани огласи »

На седницата одржана пред Нова година, Владата на Македонија ја донесе Уредбата за начинот на пресметка на данокот на моторни возила и на износите потребни за пресметка на данокот на моторни возила врз основа на критериумите утврдени во Законот за данок на моторни возила. Тој важи веќе од денес, 2 јануари и истиот е веќе објавен во Служен Весник на Македонија.

Се укинуваат досегашните акцизи и истите се заменуваат со овој нов данок. Со оваа уредба, како и со критериумите утврдени во Законот за данок на моторни возила се очекуваат големи придобивки за целото општество преку намалување на загадувањето на амбиентниот воздух, преку обнова на возниот парк со поттикнување на купување на поеколошки возила како резултат на намалување на данок на возила со голема економичност на гориво, како и набавка на хибридни и електрични возила со ниска или “0“ емисија на јаглерод диоксид – CO 2.

Само две категории на возила нема да бидат опфатени со новиот данок, оние чија продажна вредност е до 10.000 евра и испуштаа 0 кг/км Цо2. Сите други ќе бидат оданочени според новиот критериум. Електричните возила се ослободени од овој данок, за плаг-ин хибридите се плаќаат 50% од пресметаната вредност, додека хибридите го плаќаат во целост.

Примената на новиот закон за данок на моторните возила стартуваше од 1 јануари 2020 година, со тоа што вредноста на еколошката компонента во 2021 година ќе биде зголемена за 25%, а од 12 јануари 2022 година за 50%.

Едниот критериум е продажната вредност на возилото. Според него во иднина ДДВ ќе се плаќа според следниот критериум: за возила до 10.000 евра – 0%, за возила над 10.000 до 12.000 евра – 1,0%, за возила над 12.000 до 14.000 евра – 2,0%, за возила над 14.000 до 16.000 евра – 4,0%, за возила над 16.000 до 18.000 евра – 6,0%, за возила над 18.000 до 20.000 евра – 8,0%, за возила над 20.000 до 23.000 евра – 10,0%, за возила над 23.000 до 26.000 евра – 12,0%, за возила над 26.000 до 29.000 евра – 14,0%, за возила над 29.000 до 32.000 евра – 16,0%, за возила над 32.000 до 35.000 евра – 17,0%, за возила над 35.000 до 40.000 евра – 18,0%, за возила над 40.000 до 50.000 евра – 19,0% и за возила над 50.000 – 20,0%.

Другата компонента, еколошката се пресметува според количината на јаглерод дикосид што се испушта, и истата се множи со коефициент што онапред е утврден. Истиот е различен за бензинските и за дизел агрегати.

За возила кои емитуваат 0 g/km CO₂ – 0 денари за секој грам, за возила кои емитуваат над 1 до 50 g/km CO₂ – 5 денари за бензинските и LPG и CNG односно 10 за дизелите за грам, за возила кои емитуваат над 51 до 75 g/km CO₂ – 10 денари за бензинските и 20 за дизелите за секој грам, за возила кои емитуваат над 76 до 90 g/km CO₂ – 20 денари за бензинските (40 за дизелите) за секој грам, за возила кои емитуваат над 91 до 100 g/km CO₂ – 30 денари за бензинските (60 за дизел) за секој грам, за возила кои емитуваат над 101 до 110 g/km CO₂ – 40 денари (80 за дизел) за секој грам, за возила кои емитуваат над 111 до 130 g/km CO₂ – 50 (100) денари за секој грам, за возила кои емитуваат над 131 до 140 g/km CO₂ – 70 (130) денари за секој грам, за возила кои емитуваат над 141 до 150 g/km CO₂ – 100 (160) денари за секој грам, за возила кои емитуваат над 151 до 170 g/km CO₂ – 130 (190) денари за секој грам, за возила кои емитуваат над 171 до 190 g/km CO₂ – 160 (220) денари за секој грам, за возила кои емитуваат над 191 до 225 g/km CO₂ – 190 (250) денари за секој грам, за возила кои емитуваат над 226 до 255 g/km CO₂ – 220 (280) денари за секој грам и за возила кои емитуваат над 256 g/km CO₂ – 250 (320) денари за секој грам.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »