Промовирани огласи »

Според податоци на Евростат за 2015 година, во Хрватска дури 35% од работниците работат во недела и тоа е рекорд во Европската унија. 

Секоја недела ја работат 8.3% од вработените во земјата, а 28.3% само понекогаш. 

Во Хрватска се зголемува и бројот на работни часови ноќе, иако по закон не смее да се работи прекувремено и за празници, но праксата тоа го демантира. 

Во услужните сектори во Хрватска каде претежно работат жени, се случува и три недели по ред да работат без слободна недела. 

Бројни истражувања покажуваат дека оваа појава негативно влијае на здравјето. 

Во ЕУ е покрената револуција за слободна недела. 

Околу 25% од вработените сметаат дека нивното работно време се вклопува со семејните обврски.

Промовирани огласи »

За втор пат во Македонија, јавноста ќе има можност да чуе за грешките и неуспесите на успешните луѓе преку настанот iFail (Јас грешам). Честопати слушаме за приказните на успешните луѓе и како тие во моменти на криза донеле правилна одлука која ги одвела до успехот. 

Идејата за овој настан потекнува од Мексико Сити во 2012 година каде пет претприемачи биле заситени да слушаат за успесите и одлучиле да ги споделат своите грешки (Fuck ups). Денес, FuckUpNights се одржува секој месец низ повеќе од 100 градови и на секој континент од светот, освен Антартик. 

На настанот успешни претприемачи, академици, политичари и уметеници, ќе презентираат приказна за некоја грешка во својата професија.

Секој учесник има 7 минути и 10 слики да говори за својата грешка. 

По завршување на сите презентации, следуваат прашања и вмрежување.

Дојди, слушај, прашај и инспирирај се!

1 декември 2016 (четврток), 19:00h - Public Room

***Настанот е јавен и бесплатен. Нема купување на карти/регистрација. За да си обезбедите столче дојдете на време- принципот е „прв дојден-прв услужен“ ***

Промовирани огласи »

Полиците на книжарниците од многу одамна се затрупани со книги кои ги подучуваат читателите како да се збогатат промислувајќи го секој животен чекор, како да се троши помалку, а да се заштеди повеќе, како паметно да се вложува, извлекување од долгови и одење во пензија што порано, но најверојатно тоа никој подобро не го направи од Наполеон Хил уште во 1937 година.

Хил беше писател во времето на Големата економска криза, а беше познат  и како советник на американскиот претседател, Френклин Д. Рузвелт. Тој интервјуирал повеќе од 500 „најуспешни луѓе кои кога и да живееле во САД“ за да дојде до формулата за успешно богатење и стекнување имот.

Своите увиди ги испишал на 200 страници во книгата „Think and Grow Rich“ која со текот на годините стана една од најпродваните книги на сите времиња.

Иако ги испитувал најуспешните бизнисмени на своето време, неговата формула не вклучува никакви невозможни мисии и несовладливи вештини, туку се темели на совладување на психолошки пречки кои човекот го делат од стекнување богатство.

Желбата нема да донесе богатство, пишува Хил. Но ако таа желба со време стане опсесија, тогаш планирањето на конкретни начини и средства, како и потпирање на  истите со упорност која не дозволува пораз, ќе обезбеди стекнување на значителна сума.

Во еден дел од книгата ги сублимира шесте чекори за претоворање желби во нејзин финансиски еквивалент.

1. Во својот ум постави си парична цел која сакаш да ја оствариш. Не е доволно да се рече „сакам многу пари“. Биди конкретен во замислената сума.

2. Точно одреди што си подготвен да дадеш за возврат за парите кои ги сакаш. Не постои „ништо за нешто “.

3. Одреди го точниот датум до кој сакаш да ги собереш тие пари.

4. Направи цврст план како ќе ја спроведеш својата идеја во дело и веднаш почни со негово остварување, без разлика дали си подготвен или не.

5. Напиши на хартија во едноставни, куси реченици колку пари сакаш да стекнеш, во кој временски рок, што си подготвен да жртвуваш за возврат на тој план, и како ќе го оствариш планот.

6. Прочитај ги тие реченици наглас два пати дневно, еднаш непосредно пред спиење и еднаш пред станување од креветот наутро. ДОДЕКА ЧИТАШ, ВЕРУВАЈ, ЧУВСТВУВАЈ И ВЕРУВАЈ КАКО ВЕЌЕ ГИ ПОСЕДУВАШ ТИЕ ПАРИ.

Видувањето за стекнување богатство на Хил не се разликува многу од многу модерните, освен што е поедноставно и позбиено срочено.

Кога богатството ќе настапи на местото на сиромаштијата, тоа е обично поради добро разработени и изведени планови, додава тој.  Сиромаштијата не бара никаков план. На неа не и треба помош затоа што е храбра и немилосрдна. Богатството, пак, срамежливо и повлечено. Тоа треба да се привлече.

Промовирани огласи »

Ако на студеното време сè уште не сте навикнати, можеби ќе ви помогне оваа листа којашто ги содржи сите места на светот коишто се многу, многу поладни од нашите краишта.

Ојмјакон

Убедливо најстуденото населено место на светот е Ојмјакон, место во истоимената долина на североистокот на Русија. Просечната температура тука во текот на месец јануари изнесува -50 степени Целзиусови. Самиот назив на селото во превод значи – 'вода којашто не замрзнува' – бидејќи во близина се наоѓаат термални извори.

Токму во ова место, околу 500 жители се борат со проблеми коишто за сите нас коишто живееме во потпли краишта се речиси незамисливи – им се смрзнува мастилото во пенкалата, очилата им се лепат за лицето, а мобилните телефони на толку ниски температури исто така откажуваат послушност. 

Проблем претставуваат и погребите, бидејќи земјата се смрзнува, па потребно е неколку дена претходно на земјата да се пали оган, а во дупката којашто настанува се става вжарен јаглен како би можело да се ископа самиот гроб. 

Автомобилите пак тука жителите не ги гасат поради страв дека наутро нема да може воопшто да ги стартуваат. Главно се греат на дрва и јаглен. Училиштата пак се затвораат само ако температурата падне под -52 степени Целзиусови.

Верхојанск, Русија

Според податоците од 2002-та година, во ова градче во Република Јакутија живеат 1.434 лица. Верхојанск се наоѓа во сибирските пространства, а властите уште пред ерата на Сталин токму тука ги протерувала политичките неистомисленици. 

Просечната температура во Верхојанск во месец јануари изнесува 45 степени под нулата, а најладната температура којашто е измерена тука е од 1892-та година, кога живата покажувала −69.8 степени Целзиусови! Заедно со Ојмјакон претставуваат најстудени населени места на планетата.

Интернејшнл Фолс, Минесота

Интернејшнл Фолс е едно од најстудените места во САД. Се наоѓа на границата со Канада и претставува дом на нешто повеќе од 6.000 жители. Просечната температура тука во првиот месец изнесува непријатни -19 степени Целзиусови.

Фрејзер, Колорадо


Ова село коешто лежи на 3.000 метри надморска височина се наоѓа во близина на популарниот ски центар, а во него живеат 910 лица. Просечната годишна температура тука изнесува 0 степени Целзиусови, а дури и во месец јуни, таа е под нулата.

Фрејзер и Интернејшнл Фолс долго време воделе битка околу титулата “Icebox of the Nation” којашто на крајот сепак и припаднала на Минесота.

Јакутск, Русија

Веќе во месец септември тука буквално сè започнува полека да се замрзнува, а таква е состојбата сè до месец март. Во месец јануари просечната температура тука изнесува околу 36 степени под нулата, но околу 200.000 жители на овој град со текот на времето се навикнале на оваа клима. На пример, градот има бројни кино сали, музеи, па дури и зоолошка градина во којашто веројатно најмногу уживаат поларните мечки.

Хел, Норвешка

Ова место место станало надалеку познато благодарение на своето име. Во “Пеколот” доаѓаат многу туристи само за да се фотографираат покрај натписот на којшто пишува “Hell”, но поголемиот дел сепак доаѓаат кога ќе се стопли. Од месец декември па сè до месец март тука владеат снегот и мразот, па Хел е попогоден за пингвините, отколку за луѓето.

Улан Батор

Улан Батор во Монголија се смета за најстуден главен град на светот. Се наоѓа во монголските степи на околу 1.300 метри надморска височина. Тука во месец јануари температурите не се качуваат над -16 степени Целзиусови.


 

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »