Тоа што ги знаевме скоро сите поединости за Galaxy S8 и S8+ уште пред да бидат претставени не ги намали супер позитивните импресии од новите смартфони од високата класа на Samsung. Всушност, со овие модели Samsung веќе прави да подзаборавиме на проблематичниот Note 7, особено што сега батериите се проверени на 8 нивоа за безбедност и сигурност.
Импресивен дизајн со многу мала рамка околу дисплеите
Но, да почнеме од најважното – дисплејот. Се работи за целосно нови Super AMOLED екрани со резолуција од 2960х1440 пиксели и HDR поддршка. Да, соодносот на страните сега е 18,5:9, што значи дека уредите се повисоки и потесни, но според Samsung, а и првите импресии на оние кои беа на настанот, се многу полесни за ракување со една рака. Зошто го спомнуваме ова? Зошто е особено импресивно за телефони со толку големи димензии на дисплеј – помалиот модел има огромен 5,8 инчен, додека поголемиот S8 Plus има масивен 6,2 инчен дисплеј.
Ова е постигнато благодарение на исклучително малата рамка околу дисплејот. Горе и долу има мала рамка, отстрана воопшто и ја нема, но затоа има Edge закривување на краевите. Ова прави новите S8-ки да изгледаат навистина флуидно, како да се претопуваат во околината, особено кога ќе ја пуштите камерата. Дополнителен печат на ова оставаат огромните дисплеи, кои сум сигурен дека ќе привлечат голем број на купувачи.
Супер моќни компоненти
Внатре компонентите се најдобрите достапни на пазарот во моментов. Процесорите се Snapdragon 835 или Samsung Exynos 8895 (ние најверојатно ќе го добиеме чипот на Samsung, освен ако не се појават некои увезени уреди од Северна Америка) базирани на транзистори од 10 нанометри. Помогнат се од 4 GB рам меморија и 64 GB простор, со можност за проширување со micro SD картичка до 256 GB. Батериите пак имаат 3.000 односно 3.500 mAh, што е веројатно минимум за смартфони со толку големи екрани. Секако и овие модели се водоотпорни.
Камерите исто така доживуваат подобрувања, иако и актуелните модели се во кремот на класата во овој дел. Назад камерата повторно има 12 мегапиксели, оптичка стабилизација и f/1.7 бленда, но од Samsung велат дека има подобрувања во преработката на фотографиите, па може да очекуваме Galaxy S8 и S8+ повторно за влакно да избегаат на конкуренцијата. Поголемите подобрувања се избрани за предната камера, која има 8 мегапиксели, f/1.7 бленда и најважно од се, автофокус со препознавање на лице. Со оваа технологија, корисникот може да биде сигурен дека секогаш ќе биде во фокус.
Подобрен кориснички интерфејс
Но, Samsung не направи подобрувања само во хардверот. Сега, навигационите копчиња се вградени во самиот оперативен систем (Android Nougat со Samsung Experience), како скоро кај сите конкуренти од Android светот. Сепак, Samsung во “Home” копчето вгради своевиден 3D Touch систем, кој овозможува повратен одговор на силното притискање на копчето, односно чувство како вистински да стискате на копче, а воедно силно притискање во тој дел секогаш ќе ве однесе на почетниот екран, дури и ако виртуелното копче не е видливо. Високиот дисплеј овозможува и многу полесно користење на две апликации одеднаш, како и повеќе видливи менија кога ја користите камерата и многу други апликации.
Bixby и DeX ги дистанцираат S8 од останатите Android конкуренти
Досега, сите Android смартфони се базираа главно на сервисите на Google, како на пример Google Now (Assistant) како виртуелен асистент. Сепак, Samsung претстави целосно свој асистент, кој остава многу позитивни импресии. Тој е многу помоќен од секој конкурент во оваа сфера и може да се користи за целосно работење со телефонот. На пример, можете да му кажете да ја прати последната фотографија на вашата девојка/дечко или пак некоја специфична фотографија (во мојот случај сигурно ќе биде со автомобил).
Bixby работи и во камерата, каде може да препознае на кој предмет е упатен телефонот и да даде неколку опции. На пример, здогледувате некој велосипед кој ви се допаѓа. Го насочувате смартфонот, ја вклучувате Bixby камерата и потоа на смартфонот ќе излезат слики од интернет од истиот тој велосипед, како и линкови каде може да го купите онлајн. Bixby може да се користи и за препознавање на поголеми градби, ресторани и други објекти и во тој случај ќе извади рецензии директно на дисплејот.
DeX е пак своевидна Continuum можност за Galaxy S8 и S8+. Со неа, можете да го приклучите смартфонот на поголем дисплеј (со дополнителна лулка) и да го користите како десктоп компјутер. Искуството ќе биде многу слично како да користите Windows компјутер. Всушност, апликации кои во моментов се оптимизирани се Microsoft Office, па јасно е дека токму Microsoft има вмешано прсти во развојот на оваа функционалност. Тука дури и се споменува виртуелна верзија на Windows 10 или пак виртуелни програми од тој оперативен систем, исто како што може HP Elite X3.
Огромен број на можности за отклучување на телефонотGalaxy S8 и S8 +ќе бидат смартфоните со најмногу можности за отклучување на телефонот. Назад, на прилично лошо место е поставен читач за отпечатоци на прстите (до камерата, а не под неа), но затоа напред има посебна камера со сензор за зеницата на окото, која може да работи само со препознавање на лицето или на зеницата. Во случајот кога ќе се користи само за препознавање на лицето, отклучувањето е побрзо од една секунда – само што ќе погледнете во телефонот тој ќе се отклучи. Отклучувањето со зеницата пак е многу побезбедно и може да се користи во апликации кои ги користите за плаќање или купување, како на пример Samsung Pay.
Galaxy S8 и S8+ ќе бидат понудени во три бои – полноќно црна, орхидеја сива и арктички сребрена. Цената во САД почнува од 750 долари за помалиот, односно 850 долари за поголемиот модел. Според се што претстави Samsung со овие два смартфони, очекувано е тие да бидат бестселери, особено што цените и не се многу повисоки во однос на актуелните модели. Исто така, во пакувањето доаѓаат AKG слушалки, кои чинат 99 долари, што е само уште еден дополнителен бонус.