Народната банка на Република Македонија во објавената публикација на својата интернет страница Инфомација за движењата во платниот промет во 2016 година наведува дека најголема вредност на безготовинските трансакции или 99 отсто се остварени преку кредитните трансфери, а остатокот со платежни картички.
Ваквата структура на безготовинските трансакции, според НБРМ, соодветствува со структурата во земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ) и во старите земји членки на ЕУ, каде што кредитните трансфери учествуваат со 99,2 отсто и со 94,2 отсто, соодветно.
Во рамки на кредитните трансфери, најголемиот дел од вредноста е остварена од страна на правните лица, и тоа во поголем дел со иницирање електронски трансфери. Кај физичките лица сѐ уште преовладува хартиеното иницирање кредитни трансфери, но и растечка тенденција на користење на електронското банкарство преку компјутер, мобилни телефони и банкомати.
Анализите за користењето на платежните картички покажуваат дека и покрај нивната зголемена употреба во последниот период, навиките на домашните потрошувачи отстапуваат од навиките на корисниците во ЕУ. Употребата на платежните картички во Република Македонија сѐ уште првенствено се однесува на повлекување готовина од банкоматите, за разлика од европските земји, каде што плаќањата во трговијата имаат високо учество.
Потврда за ова, како што наведуваат од НБРМ, се релативните показатели коишто покажуваат учество на вредноста на трансакциите со платежни картички во личната потрошувачка од 32 отсто во старите земји членки на ЕУ и 19 отсто во земјите од ЦИЈЕ, во споредба со 11 отсто во Република Македонија.
На слични констатации упатува и анализата на бројот на трансакциите. Така, бројот на трансакции со домашни платежни картички остварени во трговијата во Република Македонија изнесува 18 трансакции по глава на жител, што е пониско за два и пол пати во споредба со земјите од ЦИЈЕ (45 трансакции по глава на жител) и неколкукратно пониско во однос на старите земји членки на ЕУ (102 трансакции по глава на жител).
Од аспект на платежната функција, најголемо учество имаат дебитните картички, а според видот, најзастапени се контактните картички. Во последниот период се забележува промоција на контактно-бесконтактните картички и на соодветна инфраструктура за нивно прифаќање, што е согласност со светските трендови и најновите техничко-технолошки решенија во доменот на плаќањата.
Со новата платежна статистика за првпат се обезбедуваат податоци за прекуграничните трансакции во работењето со платежните картички. Анализата на овие податоци покажува дека домашните картички во странство најмногу се користеле за плаќања во трговијата, а значително учество имаат и плаќањата за интернет-трговија. Анализирано по земји, најголема вредност на трансакциите со домашни картички е остварена во Обединетото Кралство, Унгарија и Грција. Кога станува збор за приливните трансакции остварени во домашната економија со платежни картички издадени во странство, најголема вредност е остварена со платежните картички издадени во САД, Швајцарија и Обединетото Кралство. Споредбата на вредноста на остварените трансакции во доменот на картичното работење, со картички издадени во земјата и во странство укажува на нето-прилив за Република Македонија во износ од 5,6 милијарди денари во 2016 година.
Во 2016 година бројот на отворени трансакциски сметки забележа раст од 1,2 отсто на годишна основа, при истовремено намалување на бројот на блокирани сметки за 2,1 отсто. Пониското ниво на блокирани сметки во 2016 година произлегува од значителното намалување на блокираните сметки на правните лица за 22,1 отсто, што е прво вакво придвижување во периодот по глобалната криза. Кај физичките лица, блокираните сметки бележат раст од 5,8 отсто, но значително забавено во споредба со претходните две години, кога беа забележани двоцифрени стапки на раст на блокираните сметки 35,4 отсто и 19,1 отсто во 2014 година и 2015 година.