На крајот од 2016 година, бројот на трансакциски сметки, коишто се во сопственост на 1.725.891 депонент изнесуваше 3.865.479 и оствари годишен раст од 1,2%, покажуваат најновите податоци на Народната банка.
Притоа, бројот на сметките на физичките лица изнесува 3.672.384 и бележи годишен раст од 1,7%, додека намалување е забележано кај сметките на правните лица за 6,4%, на годишна основа. Така, бројот на сметките на правните лица во Република Македонија изнесува 193.095, а тие се во сопственост на 118.787 депоненти правни лица.
„Бројот на блокирани сметки на крајот од 2016 година што се во сопственост на 117.602 блокирани депоненти, изнесуваше 244.049 (или 6,3% од вкупните трансакциски сметки) и оствари годишен пад од 2,1%. Намалувањето на блокираните сметки се должи на намалениот број на блокирани сметки на правните лица (53.656 на крајот на 2016 година што се во сопственост на 35.339 блокирани депоненти, наспроти 68.836 блокирани сметки на правните лица во 2015 година), коишто на годишна основа бележат голем пад од 22,1%.
Големиот пад на блокираните сметки на правните лица е прво вакво придвижување по појавата на глобалната криза во 2009 година и следува по период на речиси постојан раст на бројот на блокирани сметки“, соопшти НБРМ.
Бројот на блокирани сметки на физички лица (190.393) што се во сопственост на 82.263 блокирани депоненти физички лица е зголемен за 5,8% во однос на истиот период од претходната година.
„Сепак, за 2016 година карактеристично е значително забавување на растот на блокираните сметки на физичките лица, во споредба со претходните две години кога беа забележани двоцифрени стапки на раст на блокираните сметки (од 35,4% и 19,1% во 2014 година и 2015 година, соодветно)“, се вели во извештајот на НБРМ.