KARIERA.mk имаше чест да разговара со Бојана Стојменовска, основач на саемот Паратисима Скопје. Имавме можност да се запознаеме и со проектните координатори Горјана Јордановска и Кристина Лазановска, како и со организаторите/соработниците Блашка Миева и Андреј Прошевски.
Што е Паратисима Скопје?
Станува збор, пред сѐ, за културно-уметнички настан чиј полн назив е Интернационален саем на современа уметност Паратисима Скопје којшто е отворен за сите автори, уметници и креативци од целиот свет.
На Паратисима Скопје досега учествувале над 300 независни автори кои потекнуваат од 32 земји, а 33 од нив биле наградени со учество на настанот во Торино, Италија додека во соработка со локални галерии остварени се 8 независни авторски изложби.
Паратисима Скопје е поинаква од другите саеми на уметност по тоа што за учество на саемот нема селекција – односно секој, од секаде, што аплицира за учество станува дел од поставката.
Поставката е поделена на два дела – ликовна поставка која оваа година е во кураторство на Мира Гаќина и поставка за мода и дизајн за која е одговорен Драган Христов – Лудус.
Бидејќи за учество на саемот нема селекција, на крајот од секое издание се прави селекција на околу 10 автори учесници кои ги избира тричлено жири со различна професионална позадина.
Од кога постои настанот Паратисима на глобално ниво а од кога кај нас?
Во моментов Паратисима се одржува во Торино (Италија), Скопје (Македонија), Лисабон (Португалија) и Каљари (Италија) – сите овие настани се независно организирани, но припаѓаат на и ја сочинуваат глобалната мрежа Paratissima International (http://paratissima.international/).
Настанот кој прв пат се одржал во Торино (Италија) е започнат пред 13 години како реакција на дотогашните елитистички и затворени настани за уметност и креатива – отворајќи нови и еднакви можности за сите чинители на културно уметничката сцена и овозможувајќи простор за индивидуален развој и промоција на авторите, но и колективен влог во градењето на сцената.
Во 2014 година за прв пат во Македонија се организираше Паратисима Скопје и оттогаш се одржува еднаш во годината.
Каде ќе се одржува и колку ќе трае овогодинешната Паратисима?
Четвртото издание на Паратисима Скопје ќе се одржи од 15 – 17 јуни во Младинскиот културен центар. Програмата, покрај поставката на ликовна уметност, дизајн и мода ќе вклучи голем број дополнителни содржини помеѓу кои и работилници за професионален развој во креативните сектори, концертни настапи, перформанси, дегустации и детска програма.
Кој сѐ може да учествува на настанот?
На Паратисима Скопје може да учествуваат сите уметници и креативци без разлика на академската позадина, искуството, возраста, потеклото и формата на изразување. Саемот е отворен за визуелни уметници, перформанси, дизајнери, архитекти, фотографи, модни дизајнери, режисери и музичари.
Што најчесто изложуваат уметниците?
Во досегашните три години постоење на Паратиисма Скопје, најголемиот дел од пријавените автори се активни во полето на визуелната уметност, но од година в година се поголем е бројот на автори кои храбро одлучуваат да експериментираат со мултимедијалноста и се претставуваат со впечатливи инсталации, перформанси и иновативни форми на изразување. Паратисима Скопје ги охрабрува сите заинтересирани учеснници да посегнат кон можноста за експериментално изразување и иновативниот пристап кон уметноста, употребувајки ги новите современи медиуми.
Дали настанот има и натпреварувачки карактер?
Не би можеле да кажеме дека настанот има натпреварувачки карактер, но сепак учесниците целат кон тоа да се издвојат, потврдувајќи го својот уметнички и креативен квалитет. На тој начин тие се здобиваат со зголемена публика, препознатливост, промоција на нивната работа и можност да бидат селектирани од страна на тричленото жири на Паратисима Скопје.
Младите уметници имаат можност да бидат претставени на Паратисима. Како овој настан може да им помогне во нивната професионална кариера?
Навистина е важно и потребно младите уметници да ја искристат можноста и достапноста за изложување и себе-промоција која ја нуди Паратисима Скопје за оттаму да стекнат нови познанства, да отворат нови соработки и да бидат препознаени не само од пошироката јавност туку и од своите етаблирани колеги, куратори, критичари и националните и интернационалните институции со кои саемот соработува.
КОРИСНИ ЛИНКОВИ:
Официјален веб сајт: http://paratissimaskopje.mk/
Видео извештај од 2016 година: https://www.youtube.com/watch?v=pNxhJNCcGqA и https://www.youtube.com/watch?v=yzaxN_R6mPM
Фејсбук страна: https://www.facebook.com/paratissimaskopje/
Youtube профил: https://www.youtube.com/channel/UCs7WQZ3rixqabQZ9A_B3L7w