Три вакцини се во фаза на одобрување, а се очекува процесот да заврши до крајот на годината. Државата обезбеди 400 илјади вакцини или 800 илјади дози. Вакцинацијата пак би започнала во првото тромесечие од наредната година, објави slobodnaevropa.mk.
Одобрувањето на некоја од вакцините против Ковид-19 кои ја поминаа и третата клиничка фаза во испитувањето се очекува до крајот на годината, а Македонија ќе набави вакцини за 20 отсто од населението, како и останатите земји во регионот. Станува збор за 400 илјади вакцини или двојно повеќе дози, 800 илјади, бидејќи едно лице ќе треба да прими две дози од вакцината. Вакцините се обезбедени преку Ковакс механизмот за глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини.
„Првата вакцина која ќе биде одобрена на пазарот ќе биде подеднакво дистрибуирана меѓу сите земји кои аплицирале преку Ковакс механизам. Во истиот момент кога ќе ја добијат вакцината најразвиените земји и ние ќе ја добиеме. Точно не се знае кога, но се очекува тоа да биде остварено на крајот на декември или јануари“, велат од Министерството за здравство.
Од министерството информираат и дека обезбедени се потребните финансии за набавка на вакцините. Владата неодамна ја усвои информација за склучување обврзувачки договор меѓу Владата и Глобалниот сојуз за вакцини ГАВИ, за набавка на вакцините против Ковид-19 преку Ковакс механизмот.
Премиерот Зоран Заев пред една недела изјави дека за вакцините се планирани 390 милиони денари или 6,7 милиони евра. Авансот за нивна набавка, како што најави тој, ќе се уплати на почетокот на декември.
Три вакцини во игра
Професор доктор Александра Грозданова, која е претседател на Комитетот за имунизација вели дека две вакцини се во фаза на одобрување, односно таканаречената оксфордска вакцина на Астра Зенека и вакцината на Фајзер, кои поднеле документација за иницијална проверка на нивните податоци во Европската медицинска агенција. Според неа, веќе има најава и дека во американската агенција за храна и лекови ќе биде поднесена и документацијата за одобрување на вакцината која се развива во Бостон, од производителот Модерна.
„Овој административен процес зависи од неколку фактори. Меѓутоа во вакви околности во услови на пандемија и терапијата која што досега се одобруваше, вклучително и вакцините, административниот процес е ставен во одобрување по ургентна постапка така што најавите се дека веќе до крајот на декември би требало некој од овие кандидати доколку бидат задоволени ригорозните барања кои ги имаат медицинските регулаторни агенции дека би требало да очекуваме до крајот на годината одобрување за употреба на некои од овие вакцини“, вели таа.
Европската комисија, како што наведува Грозданова, веќе направи договори со неколку произведувачи, бидејќи количните кои се планирани и резервирани се огромни, односно 300 милиони дози.
„Динамиката, односно тајмингот кој што се очекува за пуштање на овие вакцини ќе биде од јануари и понатаму. Земјите во светот секаде се подготвуваат за овој процес на логистичко прифаќање на вакцините и спроведувањето на вакцинацијата. Но, сепак би оставила еден простор од еден до два месеци додека целиот овој процес се организира и додека почне дистрибуцијата што би значело дека идеално со активна вакцинација би почнале некаде во првото тромесечие од следната година“, додава Грозданова.