Промовирани огласи »

Во земјава има работници во повеќе сектори кои земаат минимални или за нијанска повисоки плати. 

Кои професии се најмалку платени може да се види од податоците на Државниот завод за статистика. Вработените во заштитни и истражни дејности  во ноември лани имале просечна плата од 15.249 денари. Потоа следуваат дејностите: производство на кожа и слични производи од кожа (16.644 денари), туристички агенции и туроператори (16.995 денари), подготовка на оброци и служење на храна (17.447 денари) и производство на облека (17.606 денари). 

Од друга страна, програмерите земаат највисоки плати, над 66.000 денари нето. 

За една година најголем пораст на платите бележи дејноста изнајмување и давање под закуп (лизинг), каде што во ноември таа изнесувала 46.790 денари. Станува збор за пораст од 59,1 отсто споредено месец ноември 2020 со ноември 2019.

Просечната месечна исплатена нето плата по вработен за ноември во 2020 година изнесувала 27.588 денари што е за 7 отсто повеќе во споредба со истиот месец во 2019 година. 

Промовирани огласи »

Првиот вицепремиер Артан Груби соопшти дека 1.349 службеници вработени по Охридскиот рамковен договор до крајот на јануари ќе започнат со работа во новите институции во кои се распределени. Груби вели дека тие веќе нема да имаат право да пребираат друго работно место, туку ќе им биде понудена единствена опција.

„Ако по било кој основ било кој од нив не дојде да го земе решението во рок од седум дена му се прекинува работното место“, вели Груби.

Тој ги наброја некои од институциите каде овие лица ќе бидат прераспределени, а најголем дел ќе бидат вработени во МВР, Управата за јавни приходи, Државното правобранителство и во Царинска управа.

Тој нагласи дека во овој план нема само Албанци, туку има и Македонци, Срби, Роми, Бошњаци…

Во однос на иселените лица, Груби вели дека направена е претходна проверка по однос на тоа прашање и веќе се доделени отказни решенија, а некои од тие луѓе и самите побарале да им се прекине работниот однос.

извор: Makfax

Промовирани огласи »

Од денеска стапува во сила новата, продолжена одлука на грчката Влада за забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, како и ограничувањата на копнените граници и поврзувањата со Македонија и Албанија одлука што ќе биде во сила до 8 февруари во 6 часот наутро, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за одлуката за да се ограничи ширењето на новата болест со „воведување мерки за привремено ограничување на копнените, воздушните и морските поврзувања на земјата, забрана за влез во земјата на државјани на трети земји, освен од државите на Европската унија и Шенген зоната“, која се продолжува од средината на март минатата година, а последното продолжување беше од 8 јануари заклучно со вчера.

Првиот член од одлуката се однесува на копнените граници на Грција, односно на привременото ограничување на сите копнени (патните и железничките) поврзувања од и кон Грција „од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на болеста на грчка територија, како и забрана за влез на лица на грчка територија, освен ако исполнуваат конкретни предуслови“.

За туристите и странските државјани за кои не постои забрана, дозволен е влез само преку Бугарија, односно преку граничниот премин Промахонас/Кулата и само со негативен молекуларен тест направен 72 часа пред пристигнувањето, но и доколку добијат негативен резултат од рапид тестот направен на влезот во Грција.

Од останатите гранични премини што се отворени, односно Евзони/Богородица кон Македонија, Какавија кон Албанија и Кипи кон Турција, влезот во Грција е дозволен само за одредени категории и исто така со потврда за претходно направен негативен ПЦР тест и со негативен резултат од брзиот тест на самиот граничен премин направен од грчките власти.

Овие гранични премини се отворени од 7 часот наутро до 23 часот, а забраната за влез во земјата не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини за кои имаат и потребни документи, за товарните камиони, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и Мисијата на Косово ЕУЛЕКС.

Во однос на камионите за транспорт на стоки, отворени се седум гранични премини, четири со Бугарија, и по еден со Турција, Македонија и Албанија, а за возачите не важи задолжителната потврда за негативен ПЦР тест.

Во истата одлука, во посебен член е и привремената забрана за влез во Грција на „сите државјани на трети земји, од било која влезна точка, на било кој начин и со било кое средство, вклучувајќи ги авионските, морските, железничките и патните поврзувања од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на болеста на грчка територија“, објави МИА.

Исклучок, како и досега се земјите членки на Европската унија и Шенген зоната и жителите на Австралија, Јапонија, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, а овој пат, на листата се вклучени и државјаните на Русија и Израел.

Исто така, исклучок се и одредени категории граѓани, како што се медицинскиот персонал и здравствените работници, оние кои имаат дозвола за престој во земја членка на ЕУ или земја од Шенген зоната, членови на владини мисии, дипломати, превозници, возачи на камиони што пренесуваат стоки, транзит патници, студенти, лица кои се грижат за стари лица и лица со инвалидитет, како сезонски земјоделски работници.

За сите оние за кои е дозволен влез во Грција, освен негативен ПЦР тест, задолжително е да го имаат пополнето и специјалниот формулар PLF (Passenger Locator Form), а задолжителен е и седумдневен домашен карантин.

Новата одлука веќе е објавена во Службен весник на Грција и потпишана од надлежните министри за развој и инвестиции, за цивилна заштита, за труд и социјални прашања, за поморство, за внатрешни работи, за здравство, од министерот и заменик-министерот за транспорт и инфраструктура, како и од алтернативниот министер за финансии.

Промовирани огласи »

Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поевтинат за 2 денари, соопшти Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. Од таму појаснуваат дека одлуката е донесена поради тоа што престанува да важи Уредбата со законска сила за примена на законот за акцизите за време на вонредна состојба, со што практично од вечерва на полноќ во сила стапува Законот за акцизи.

Од вечерва на полноќ малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за два денари, на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 13 денари, а цената на мазутот останува иста.

Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 е 61 денар за литар, на ЕУРОСУПЕР БС -98 е 63 денари, на дизелот е 52,50  денари за литар, а на маслото е 41,5 денари за литар. Цената на мазутот останува на 30,823  денари за килограм.

„Овие цени ќе важат сѐ до донесување на нова одлука. Како што знаете, РКЕ секој понеделник носи одлука за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт. Доколку во меѓувреме Собранието на РСМ ги изгласа измените на Законот за акциза во кои се вметнати одредбите од Уредбта, РКЕ ќе закаже седница и  ќе изврши соодветно усогласување на одлуката“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »