Управата за јавни приходи се уште исплаќа пари од повратот на Данокот на додадена вредност (ДДВ) за граѓаните кои скенирале сметки за последните три месеци од минатата година. Иако исплатата почна на почетокот на февруари има граѓани кои не го добиле повратот за МојДДВ реагираат дека доцнењето овој пат е речиси еден месец и прашуваат дали има некаков проблем. Додека од Управата за јавни приходи велат дека парите ќе бидат исплатени, потврдуваат дека еден налог за поврат е реализиран два пати, па меѓу 3.000 и 4.000 граѓани два пати на своите сметки имале уплати за последното тромесечје во 2020 година.
„Прв пат се случува толку да ни доцни исплатата на повратот на ДДВ. Помина месец од кога почна, а немаат добиено неколкумина мои блиски, вели З.П. од Скопје.
Од УЈП за Фактор потврдуваат дека еден налог не е реализиран, но дека процесот не е запрен и цело време има исплати и уверуваат дека деновиве парите ќе им легнат на сметките на овие граѓани кои скенирале сметки.
Додека трае ова, граѓаните кои добиле пари два пати ќе бидат контактирани на електронската пошта и парите кои по грешка им биле исплатени ќе мора да ги вратат. Ако не го сторат тоа, тие нема да добијат поврат за скенираните сметки во следните месеци односно прво за трите месеци годинава.
Инаку во октомври, ноември и декември лани скенирани се 67.272.456 фискални сметки, вкупниот промет е 33.398.562.346 денари, а на граѓаните требаше да им се вратат околу 382 милиони денари односно околу 6,1 милиони евра.
Лимитот изнесува 1.800 денари за едно тромесечје, односно 600 денари месечно или 7.200 годишно за едно лице. Доколку се надмине лимитот од 600 денари месечно за едно лице, остатокот од сумата се пренесува во наредниот месец, но само во тромесечјето.
Проектот МоЈДДВ Управата за јавни приходи го започна на 1 јули 2019 година.
Извор Фактор.мк