Викендов вредноста на криптовалутата се зголеми за 5 проценти.
Најпопуларната криптовалута во светот, биткоин, постави нов рекорд минатата ноќ кога вредноста на дигиталната монета беше околу 61.500 долари . Викендов биткоинот се тргуваше со околу 60.300 долари.
Од почетокот на оваа година, биткоинот зајакна за 80 проценти, а во последните 12 месеци неговата вредност се зголеми за 570 проценти.
Неколку фактори придонесоа за вртоглавиот пораст на криптовалутата, а еден од главните е растот на интересот на големите институционални инвеститори, како и инвестициите на корпорациите како „Тесла“, „Squer“ и „MicroStrategy“ во биткоин.
Охрабрувачките информации за големиот интерес на клиентите на Голдман Сакс за најпопуларната криптовалута исто така придонесоа за растот на биткоинот.
Уште една од најреномираните инвестициски банки лансира производ во кој инвеститорите ќе добијат можност да инвестираат во 11 акции на компании фокусирани на биткоин. Според извештајот до SEC, новиот производ е должнички инструмент наречен JPMorgan's Cryptocurrency Exposure Basket, кој содржи „нерамномерно пондерирана“ корпа за референтни акции кои или ја поседуваат крипто-валутата или прават деловни активности со неа.
Во очите на инвеститорите, биткоинот сега е како злато во дигитална форма - заштита од сите неволји што неизбежно ќе предизвикаат диво печатење пари насочено од централните банки, односно пред се висока инфлација и девалвација на класичните валути. Бидејќи цените на златото паѓаат благо неколку месеци, се повеќе станува јасно дека биткоинот навистина ја презеде својата улога во многу од портфолијата на големите играчи.
И покрај високата цена, големите инвеститори не престануваат да инвестираат во биткоини. Најновата информација е дека компанијата за деловна анализа MicroStrategy објави дека купила дополнителен пакет биткоини во вредност од 15 милиони долари.
Аналитичарот на Блумберг, Мајк МекГлоун неодамна смело предвиде дека биткоинот ќе се искачи на ниво од 100.000 долари до крајот на месецот. МекГлоун беше еден од ретките аналитичари кои имаа храброст да предвидат дека биткоинот ќе скокне на ниво од 50 000 американски долари.