Реномираната авијациска организација Скајтракс (Skytrax) го рангираше Меѓународниот Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, меѓу најдобрите десет аеродроми во регионот на Источна Европа, во рамки на својата програма наречена Светски Аеродромски Награди (Skytrax World Airport Awards). Наградите кои Скајтракс ги доделува според гласовите на патниците, беа објавени на авијацискиот саем Passenger Terminal Expo кој се одржа во Мадрид, Шпанија, каде што се собраа над 2.000 професионалци од авиоиндустријата, од повеќе од 120 земји во светот.
Најдобрите аеродроми во Источна Европа за 2025 година, според Скајтракс се: 1. Будимпешта; 2. Софија; 3. Тбилиси; 4. Талин; 5. Рига; 6. Кутаиси; 7. Белград; 8. Букурешт; 9. Батуми; 10. Скопје, информираше денеска во соопштение ТАВ Македонија.
Како ТАВ Македонија оваа година ја славиме нашата 15-годишнина, што значи дека веќе 15 години посветено работиме со цел да им го понудиме најдоброто патничко искуство на нашите патници. Во рамки на Светските Аеродромски Награди на реномираната организација Скајтракс оваа година со Меѓународниот Аеродром Скопје влеговме меѓу најдобрите десет аеродроми во Источна Европа. Навистина сме среќни поради ова признание и ќе продолжиме да работиме на подобрување на квалитетот на аеродромските услуги и целокупното патничко искуство, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Покрај Меѓународниот Аеродром Скопје, уште седум други аеродроми управувани од ТАВ Аеродроми, членка на групацијата АДП, беа признати меѓу најдобрите аеродроми во светот, во рамки на наградите Skytrax World Airport Awards. Тоа се аеродромите во: Алмати - Казаxстан, Анкара и Измир - Турција, Батуми и Тбилиси - Грузија, Рига - Латвија и Медина - Саудиска Арабија.
Наградите на Скајтракс (Skytrax), наречени Светски Аеродромски Награди (World Airport Awards), се одредуваат преку резултатите од истражувањето за мислењето на патниците, кое беше направено од август 2024 до февруари 2025 година, односно во период од шест месеци. Притоа луѓе од над 100 различни националности оценуваа 575 аеродрома во светот, преку клучни индикатори за квалитет, опфаќајќи го патничкото искуство од услугите и од производите коишто се нудат на аеродромите.
Светските Аеродромски Награди се независна програма на авијациската организација Скајтракс кои функционираат од 1999 година и претставуваат глобален репер за совршеност на аеродромите.
Тагови: авио сообраќај ТАВ Македонија Skytrax)