Поттикнуваме, охрабруваме и мотивираме со инспиративни приказни од веќе успешни жени претприемачи.
ВЕГА е една од приказните кои докажуваат дека секоја идеја може да се преточи во реалност доколку има силен жар, желба и посветеност во работата.
КАРИЕРА.мк: Ана заедно со својата бизнис партнерка Даниела постојано сте ангажирани како експерти од својата област на симпозиуми, курсеви, во емисии, и слично, но никогаш не сте зборувале за себе.
Дали ќе може да и откриете на нашата публика нешто лично за вас, да ве навратиме во моментите кога подадовте рака за партнерството и идејата за ВЕГА Протетика и ВЕГА Имплантологија?
А: Немав дилема дека ќе се занимавам со стоматологија, кога како ученичка на отсекот за забни техничари, го најдов спојот помеѓу мојата желба да работам во медицината и силниот порив да креирам и создавам. Потенцијалот, желбата за учење и професионален раст се како незапирлив вител. Имав среќа да се развивам покрај врвни професионалци, искусни доктори и професори кои оставиле силен печат на она што сум јас денеска. Клучна точка во мојот развој беше заминувањето и престојот во САД (2006-2007), неколку години по дипломирањето и работење во приватна пракса во Скопје и потоа повторно во 2011 година. Таму се сретнав со нова стоматологија, различни критериуми за успех и одличност и само-калибрирање во средина во која нема субјективност. Посетував едукативни програми од областите кои ми се фокус и денеска, особено естетската стоматологија и учев од врвни доктори со кои до денес имам активна комуникација. По враќањето повторно ни се вкрстија патиштата со Даниела, сега ангажирани во отворањето и развојот на една голема стоматолошка клиника во Скопје.
Но, покрај овие наши пресретнувања низ животот и кариерата, со Даниела делиме исти критериуми за моделот на стоматологија кој го практикуваме, делиме ист жар за областите кои сме ги одбрале како своја специјалност и имаме заедничка визија за развој. Нашата визија за заедничката приказна ја нарековме ВЕГА – решенија за вашата насмевка или скратено ВЕГА за вашата насмевка. Тоа е брендот кој заеднички го градиме преку две партнерски специјалистички ординации по протетика и орална хирургија.
Во основа нашиот долгогодишен партнерски однос почива на етичките принципи кои ги делиме, како и респектот за уникатноста, различноста и независноста на другиот во приказната.
Д: За да создадеш нешто што треба да трае, треба и знаење и мудрост и искуство и упорност, а тоа да го направиш во партнерство со некого е можно само ако имате иста визија и исти основни принципи. Нам, како што кажа и Ана токму тоа ни е заедничко. Убавината што јас ја гледам во здружувањето е надополнувањето, додатните идеи, аспектите кои секој индивидуално ги гледа и споделува, како и формирањето на тим/тимови. Тоа е богатството во едно партнерство.
Мојата желба за квалитетна стоматологија, како и идејата да се биде исполнет професионалец биле мој двигател уште од студентските денови. Имајќи желба одговорната работа со нашите пациенти да вроди со резултат, посакав да ги научам финесите на оваа професија на некој реномиран европски факултет. Освен стоматологијата еден мој афинитет е и филологијата, а мојата желба да ги усовршувам англискиот и германскиот ме доведе до ДААД, германската агенција за академска размена, Имав среќа да бидам нивна стипендистка 3 пати, два пати во текот на студиите и еден долг постдипломски престој. Така љубовта кон стоматологијата и германскиот јазик се преточија во искуство кое многу влијаеше на моите понатамошни одлуки во професионалниот развој. Тука спаѓаат одговорноста кон сопствената работа, мерливоста и одржливоста на добиениот резултат од работата, важноста на науката при одлуки во праксата, будното учење од квалитетен извор на литература, важноста на квалитетна опрема но пред сè знаењето како таа да вроди со успех, важноста да се разбере субјективиот и објективниот проблем на пациентите со цел правилно да се реши, односот приватна – државна стоматологија, односот на лекарите и осигурителните компании итн. Ова остава силен впечаток кај младите луѓе кои завлегле во поразвиено општество со усталени практики на работење, непознати кај нас. По враќањето во земјава, моја желба беше практикување на стоматологија базирана на моето позитивно искуство, во фази и со постојан развој. Стоматологијата во земјава тогаш, на почетокот на 21.-от век беше, за жал, во постојано руинирање во сите сегменти, но кога желбата е силна, се случуваат убави нешта, иако со многу труд и напорна работа. Во исто време се најдовме со Ана назад во Скопје и барајќи база, станавме дел од создавањето и растот на силен стоматолошки бренд во земјава, после што следеше следен предизвик: создавање на заеднички бренд во стоматологијата. ВЕГА за вашата насмевка е убав проект, поставен на здрави темели и позитивен дух и иако е многу млад, верувам дека ќе биде една убава приказна.
КАРИЕРА.мк: Зошто свој бизнис, а не вработување во нечија ординација?
А: Креативниот дух мора да има поле за креација и себе-обновување. Во даден момент, кога во една средина истиот веќе не е креативен и не е на иста линија со патеката на системот, фер е да се одвои и продолжи во друг систем или да креира свој. Возраста, степенот на професионален развој и потенцијалот кој го носам беа пресудни да се одлучам да креирам „свој систем“.
Знаете како велат: Ако сакаш да одиш брзо - оди сам, а ако сакаш да стигнеш далеку – одете заедно. Така ги споивме нашите потенцијали и ко-креираме нова успешна приказна со Даниела.
Д: Спознавањето на себе си како професионалец е процес, како впрочем и сè во животот. Клучно е од мали нозе да се разбере дека најголемиот капитал е вложувањето во сопствениот развој. Збогатувањето на знаењето отвора видици, искуствата даваат насоки, интуицијата ме водела кон нови предизвици... На тој пат, по извесни години, кога имаш што да споделиш со колегите, енергијата е силна и води кон нови концепти и нивоа. За мене општо, здружувањето на професионални концепти со исти базични принципи, во единствен партнерски однос, претставуваат голем потенцијал и се голем исчекор напред во однос на одамна установените опции: вработување вс. свој бизнис. Имајќи исти основни етички и професионални принципи со Ана, многу лесно се договоривме. Но, начелно би препорачала секој стоматолог но и било кој професионалец, пред да се осамостои, или уште подобро, да се здружи со некого, треба да знае дека треба да започне како вработен во веќе разработен систем, да се збогатува со искуства и точно да знае кога е најзрело или општите услови се најсоодветни за да направи нов чекор во кариерата, во сопствената куќа или надвор од неа.
КАРИЕРА.мк: До сега кој е најголемиот професионален предизвик кој го имате остварено? И дали знаете колку насмевки имате подарено?
Секој нов случај е нов предизвик, навистина не можам да одвојам еден. Предизвик е секој голем и тежок случај, случај со многу проблеми кои треба да се решат. Предизвик е и само една коронка врз имплант во предна регија, предизвик е и тешка психологија на пациентот иако можеби технички е јасно како би се решил. Цврсто верувам во едукација и учење низ работата и емпатија со пациентот и затоа секој нов случај е предизвик и имам што да коригирам кај претходниот. Самоувереноста дека сте најдобар во нешто - тенко се граничи со арогантност, а тоа води кон застој во напредокот. Активно работам стоматологија од 2002 година, што значи скоро 20 години сум во струката, тоа се многу многу задоволни насмевки J
Д: Предизвици се појавуваат постојано, сакајќи да ги поместуваме границите за успешна терапија, всушност им се радувам, затоа што кај мене одново ја поттикнуваат желбата за усовршувње на постоечките методи, за воведување на нови кои сум ги планирала за одредени фази од некој сложен случај, за развој и креативност, за организирање на тимот во цел еден процес кој се состои од првиот чекор на пациентот во нашата ординација до завршните контроли. Најголемите предизвици понекогаш се комплексни стоматолошки случаи, кај кои треба да се работи во фази за еден случај да се доведе до потребниот резултат, но понекогаш се спревувањето со стравовите и недовербата кои луѓето свесно или несвесно ги носат со себе, за што е потребно додатна енергија и упорност која ја вложуваме како тим. Интензитетот на мојата работа има свои позитивни страни, а тоа е богатото искуство во работа со луѓе, што ми докажало дека позитивниот дух, искрениот однос и упорноста можат да ги претворат и големите предизвици во успешни и убави приказни што траат многу години потоа.
КАРИЕРА.мк: Какво е чувството кога ќе видите задоволен клиент? Бидејќи не подарувате само технички убава насмевка, туку промена во нивната самодоверба.
А: Апсолутно е точно, нашата професија не подарува само замена на стари пломби со нови или стари коронки со нови, туку современиот сеопфатен (третирање на сите проблеми на едно место) и индивидуален (третирање на секој пациент индивидуално, со сите специфики кои тој ги носи) пристап нуди повеќе од само убава насмевка. Како и во секоја професија, она што ја додава есенцијата, малата капка на личен допир, дополнителен ангажман, наспроти техничкото завршување на работите , се гледа во крајниот производ – задоволен и верен пациент со прекрасна насмевка. Бесценето е чувството кога ќе се погледнат во огледало и ќе им се насолзат очите од неверување во трансформацијата.
Д: Од сите насмевки, најсреќна сум кога ќе предизвикам насмевки од срце! Но, да се стаса до таму треба голема посветеност, многу работа и многу љубов во работата. Нашата професија меѓу другото, е во блискиот простор на секој човек, и затоа енергијата што меѓусебно ја споделуваме е таа што ја обликува нашата врска на доверба и взаемна почит. Тоа луѓето го чувствуваат независно од каде доаѓаат. Се разбира, во услови кога третираме комплексни стоматолошки случаи, со многубројни проблеми кои треба да ги решиме, тука е и исчекувањето и очекувањата, патем и по некоја солза, но насмевките од срце на крајот, на контролите, се мојата награда – најубавата!
КАРИЕРА.мк: Да се биде успешна жена некогаш знае и да измори поради постојаните ангажмани. Како успевате да постигнете баланс помеѓу работата и приватниот живот?
А: Нашата професија подразбира долги работни денови во принудна положба, работа на микро поле, грижа за пациентите и постојана едукација дури и кога не сме од оваа страна на кормилото, како сопственици на „бизнисот“. Новата улога само ги зголеми ангажманите и сега дури и кога не сум присутна во ординацијата мојот ангажман е 24/7. Да се биде притоа жена и мајка како прва, најважна и незаменлива улога е вистински предизвик. Да бидам искрена, сето тоа е тешко изводливо без поддршка од партнерот и семејството. Според мене клучот е во добра организација, подредување на приоритетите и нивно сместување во распоред. „Тајната“ како јас балансирам е во outsourcing и поделба на технички обврски во врска со домот преку работната недела и максимално корисно и квалитетно време одвојувам за семејството и децата, заедно и поединечно, а понекогаш обврските ги претворам во активно време заедноJ. Викендите се време кое со семејството со радост го поминуваме во природа, на село или во планина, а раните утра се моето време кога можам влезам во контемплација или да прочитам некоја книга.
Д: Стоматологијата во секојдневната работа бара висока психо-физичка концентрација. Тој тип на работа при голем интензитет и многу работни часови бара и повремен одмор, но и потреба од личен баланс. За жената во нашиве краишта, сè уште има наметнати општествени очекувања, чие влијание во некој период од животот се чувствува посилно, понекогаш пак го нема, но тоа знае да креира тежина и непотребно да наметне животни дилеми. Јас сум навистина благодарна и среќна што во моето семејство имаме разбирање и поделба на обврските, секој според својот распоред, затоа што секој од нас некои работи го прават среќен, а мојата професија е важен дел од мојата среќа. Изворот пак на енергијата е моето семејство. Мирот го наоѓам во мајчинството, во нашето дружење и минувањето време заедно, затоа што најголема уметност е да се сплотат и семејството и работата, особено ако станува збор за жена. Енергијата ја полнам со фамилијата, пријателите, патувањата, уметноста и со радоста во работата. Работата е мојот еликсир на умот, а семејството на душата.
КАРИЕРА.мк: Вие сте успешен пример во склоп на нашата кампања за Жени- претприемачи на КАРИЕРА.мк, очекуваме искрен совет и порака до сите оние кои се во дилема за започнување на свој бизнис и дополнително за сите оние кои поминуваат отежнат период на делување поради Короната?
А и Д: Короната не затече во најсензитивниот момент, односно 6 месеци после отворањето на ВЕГА, се соочивме со карантин од 2.5 месеци. Сепак домаќинското работење од самиот почеток придонесе да можеме да го преживееме ова неработење без отпуштање на ниту еден вработен од двете ординации и солидарно изедначување на платите на сите вработени, над законскиот минимум. Кога е криза и вонредна состојба – истата важи за сите без разлика на хиерархијата. Потребно е сплотување, поделување на товарот и достоинствени примања за сите. Вработените го ценат овој потег и двократно се вложуваат секојдневно за безбедно да ја поминеме оваа пандемија. За разлика од угостителството и светот на забавата, кои целосно се прекинаа со работа во подолг временски период, нашата област спаѓа во есенцијални професии, здравствена струка која не може да се „укине“, иако истовремено е на врвот на изложеноста на вирусот. Кај нас покрај тоа што работиме на пациенти со отворена уста, ние стоиме на непосредно и многу блиско растојание со нив, а со помош на нашите машини ослободуваме големи количини на аеросоли кои потенцијално го содржат вирусот и уште некое време после станувањето на пациентот од столчето – остануваат во воздухот. Преземаме строги мерки за лична заштита, со цел да се заштитиме себеси, како и мерки на безбедност и комплетна стерилизација на работните простории (вклучувајќи и дезинфекција на воздухот во сите простории) после секој пациент. Ова влева доверба кај пациентите кои се чувствуваат безбедно да нè посетат, па реално немаме поголем застој во побарувачката за термин кај нас. Напротив заради зголемениот временски простор потребен помеѓу двајца пациенти – не сме во можност сите да ги видиме. Значи, наш совет за охрабрување за почеток со работа во овој кризен период е најпрво внимателно одбирање на гранката во која ќе се започне со бизнис и потоа бескомпромисно држење до максимална безбедност при работата. Светот застана заради пандемијата, и полека продолжи променето да функционира, (освен неколку области кои сеуште се во застој), но со адаптирање на работата.
Постои една изрека : Кога ќе дојде луња, мораш да ги пренасочиш едрата за бродот да остане на површината.