Владата го усвои ребалансот на буџетот. Дефицитот е проектиран на ниво од 46,2 милијарди денари, или 6,5 проценти од БДП.
Кратење има на расходите кај повеќе буџетски корисници и тоа по основ на помалку продуктивни трошоци и по основ на проекти кои имаат послаба динамика на реализација. Парите ќе бидат насочени кон ставки кои се очекува да дадат поголем процент на реализација и поголема додадена вредност на економијата.
Приходите се проектирани на 222,6 милијарди денари, а тоа се должи на добрата реализација на приходите од почетокот на оваа година. Расходите се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 проценти повеќе во однос на претходно планираното.
Капиталните расходи се проектирани на ниво од 30,5 милијарди денари или за 6,5 милијарди денари се повисоки во однос на планот за 2021 година. Нивното учество во вкупните расходи на буџетот од иницијално планираните 9,4 проценти, се зголемува на 11,3 проценти.
Власта уверува дека економскиот раст е стабилен и дека ќе расте.