Собранието го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанство. За измените и дополнувањето вкупно гласаа 89 пратеници, од кои 57 „за“, 32 „против“ и ниту еден „воздржан“.
Со измените на законот треба да се реши статусот на луѓето од поранешните југословенски републики кои до денот на прогласување на независноста живееле во земјава. Тие ќе треба да добијат државјанство во рок од три години по стапувањето во сила на Законот.
Претходно, во расправата по предлог-измените и дополнувањето на Законот, пратеникот од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски рече дека на ова прашање не треба да се гледа како проблематика која ја опфаќа етничката припадност, туку треба да се гледа правно.
Во интерес на сите граѓани е да се донесе законско решение, кое ќе може да ги реши проблемите на лицата кои се засегнати со оваа проблематика и ќе ги гарантира сите уставни и правни норми на државата, рече Стојановски.
Тој потенцира дека законското решение треба да биде решено со консензус, а не со неприфаќање на забелешките на опозицијата.
Пратеничката од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова забележа дека законот на пленарна седница стигнал со кршење на Деловникот, на сите практики и процедури.
Комисијата за европски прашања, повторно демонстрираше неевропски вредности. Со европско знаменце, по скратена постапка, Законот за државјанство беше протуркан со прекршена деловничка процедура. Иако законот беше прво предложен од една политичка партија и беше ставен на Комисијата за безбедност и одбрана, тој одеднаш осамна како владин предлог. Предлагачот Владата заборави дека претходно го критикуваше законот, за подоцна критикуваните решенија да ги претстави како свои, рече Панова.
Според неа, Комисијата за европски прашања демонстрирала моќ, а шесте суштински амандмани им биле одбиени како неуредни од страна на претседателот на Собранието.
Панова рече дека законот не е во согласност со Европската конвенција за државјанство.
Сите лица кои немаат државјанство треба да го добијат. Јас сочувствувам со сите кои живеат овде а кои немаат државјанство. Проблемот со овие лица е што тие можеле да добијат државјанство, но надлежните не знаеле како да ги применуваат постојните прописи. Лицата треба да добијат државјанство со одредени предуслови, а не како сега само врз основа на една сметка за болничко лекување биде дадено државјанство, рече Панова, која додаде дека сега со измените и дополнувањето на законот се создаваат предуслови за злоупотреби.
Реплицирајќи и на Панова, Халил Снопче од Алијанса на Албанците рече дека на говорницата се пласираат дезинформации.
За жал, вие не сте го прочитале Законот. Вие кажувате само со еден документ може да се земе државјанство. Се работи за околу 15 документи и да појасниме за јавноста, тоа се однесува за лица кои до 1990 живееле во државата, а кои потоа го изгубиле државјанството. Еден период имале југословенско државјанство, а потоа го изгубиле. Затоа се тие документи Панова, реплицираше Снопче.
По усвојувањето на Законот, претседателот на Собранието, Талат Џафери даде пауза од еден час.