Промовирани огласи »

Град Скопје изработи текст на нацрт-закон за оџачарски работи, кој има за цел да ја возобнови и промовира професијата оџачар што е дефицитарна во Скопскиот регион и низ целата наша држава.

Како што информираат од Градот, овој проект е дел од мерките што тој ги презема за решавање на проблемот со аерозагадувањето во зимските месеци.

Претставници од Град Нирнберг, на работни состаноци со македонски правен експерт, го усогласуваат текстот на нацрт-законот за оџачарски работи, во рамки на проектот „Оџачари за чисти печки и чист воздух во Скопје“. Текстот на нацрт-законот го регулира оџачарството како професија и зема предвид одредени аспекти од законодавството на Германија. Тој како посебен закон има за цел да го пропише начинот и условите за вршење на оџачарските работи во согласност со законодавството на ЕУ – објаснуваат градските власти.

Тие додаваат дека со законското решение се предлага и креирање на оџачарски реони кои ќе овозможат јасни одговорности и начини за спроведување на работите кои оџачарот може да ги изведува единствено во рамките на својот реон, како и воведување на обврската домаќинствата и други субјекти еднаш годишно да ги исчистат оџаците.

Оваа наша активност се стреми кон подобрување на состојбата со квалитетот на амбиентниот воздух во Скопје, преку донесување на законско решение кое ќе обезбеди услови за контрола и чистење на грејните тела од индивидуалните домаќинства, контрола и следење на изворите на емисии и спречување или намалување на штетните ефекти од загадувањето на амбиентниот воздух врз човековото здравје – потенцираат од Градот.

Градот Скопје во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на РСМ во 2018 и 2019 година спроведе платени обуки за оџачари на невработени работоспособни лица. Обуката траеше три месеци и се одвиваше во средното училиште на Град Скопје „Здравко Цветковски“, коешто се планира да стане државен тренинг центар за идните оџачари.

За потсетување, Градот Скопје доделува субвенции за исчистените оџаци и во 2018, 2019 и 2020 година беа доделени околу 1000 субвенции, a јавниот повик  годинава трае до 30.11.2021 година, и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“, односно до исцрпување на средствата во износ од  милион денари предвидени за оваа намена со буџетот на Град Скопје за 2021 година.

Промовирани огласи »

Протоколот за деловна соработка помеѓу ЈП „Пошта на Србија“ и „Пошта на Северна Македонија“ АД во Белград го потпишаа в.д директорот на Пошта на Србија Зоран Ѓорѓевиќ и генералниот директор на Пошта на Северна Македонија АД, Јани Макрадули. Протоколот беше потпишан само три дена по Регионалниот деловен форум во Скопје, одржан како дел од иницијативата Отворен Балкан, и претставува прв чекор кон конкретизирање на договорот помеѓу српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерот на Македонија, Зоран Заев и албанскиот премиер Еди Рама за зајакнување на економската соработка во регионот.

Поштенските канцеларии на Србија и Македонија сакаат да бидат лидери не само во националната, туку и во меѓународната рамка, а Протоколот што го потпишавме ја претставува рамката на соработка за постигнување на таа цел. Денес, ја воспоставивме рамката за развој на нови заеднички услуги, пред се во доменот на активности на кои пошта на Србија веќе работи интензивно, имено дигитализација на услугите и развој на е-трговија. Приближувањето на Пошта на Србија и Македонија ќе придонесе за развој на економиите на нашите земји, подобри перформанси на регионалниот пазар и ќе донесе нови работни места и приходи, како и посилна врска помеѓу нашите граѓани и економии , рече Зоран Ѓорѓевиќ, в.д. Директор на Пошта на Србија.

Ѓорѓевиќ посебно посочи дека Пошта на Србија, благодарение на широката мрежа на меѓународни линии, пред се кон Северна Америка, националната авиокомпанија „Ер Србија“, која се очекува наскоро да воведе летови кон Далечниот Исток, ќе стане регионален центар на логистика и поштенски услуги.дополнително ќе ја поддржат имплементацијата на иницијативата „Отворен Балкан“.

Потпишувањето на Протоколот за соработка е почеток на практичната имплементација на иницијативата„ Отворен Балкан “, која во Скопје ја објавија лидерите на Србија,  Македонија и Албанија. Ние сме соседи и соработници, но во суштина нашата соработка може да биде далеку поголема. Затоа денешниот документ не е само формалност, бидејќи нашата соработка, особено преку развој на е-трговија и логистички капацитети, ќе ги постави темелите за отворање трговија на Балканот, што е исклучително важно за надминување на последиците предизвикани од коронавирусот, кажа Јани Макрадули.

Ѓорѓевиќ и Макрадули, исто така, најавија дека ќе испратат иницијатива до владите на Србија, Македонија и Албанија за воспоставување заедничка поштенска марка и единствена цена за услугите на пратки, со цел да им се обезбедат услуги на граѓаните од сите три земји по една тарифа , како дополнителен поттик за отворање на балканските пазари.

Промовирани огласи »

На денешен ден започнало Илинденското востание, а во 1944 година е одржано Првото заседание на АСНОМ. Националниот празник на Македонија ќе се прослави со повеќе манифестации.

Македонскиот народ има шест државни празника, но Илинден е влезен најдлабоко во срцата и во свеста на Македонците.

Илинден е празник на македонското срце и душа, зашто Македонците го почувствуваа востанието како свое дело, независно од надворешните провокации. Затоа, за разлика од други ослободителни движења на Балканот, по поразот раководителите не беа обвинувани. Востанието беше примено како народен, а не политички акт.

Зрелоста на македонскиот народ се покажа на 2 август 1944 г., кога Антифашистичкото собрание на народно ослободување на Македонија ги постави основите на современата македонска држава. Овогодишниот јубилеј од тој акт, како и споменот за Илинден 1903 се повод за семакедонско славење, но и предупредување за денешните македонски политичари дека Македонија знае да слави, но и да ги казни тие кои дејствуваат спротивно на македонските народни и државни интереси.

Промовирани огласи »

Од денес започнува аплицирањето за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, системско решение кое е дел од програмата за работа на Владата и на МОН и со кое значително се унапредува студентскиот стандард преку доделување на финансиска поддршка во месечен износ од 2400 денари за 9 месеци во годината. Јавниот повик за оваа намена е објавен на следниот линк.

Министерството за образование и наука информира дека за субвенциониран студентски оброк можат да аплицираат сите редовни студенти на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи, кои се државјани на Република Северна Македонија. Притоа, апликантите треба да ги исполнуваат и следните услови:

  • да не се во редовен работен однос;
  • да не се регистрирани како индивидуални земјоделци и
  • да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.

Аплицирањето за субвенциониран студентски оброк се врши исклучиво електронски, преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/, каде пополнети и потпишани се прикачуваат и обрасците Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци во пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк. При аплицирањето, студентите задолжително да го погледнат и документот – Насоки за внесување на трансакциска сметка при пријавување за субвенциониран студентски оброк.

МОН по службена должност ги обезбедува сите останати докази за исполнетост на условите, а кои ги поседуваат МВР, АВРМ, УЈП и студентските служби на факултетите.

Рокот за пријавување за тековните студенти е од 1 до 31 август 2021 година. За кандидатите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2021/2022 година и кои не го запишале летниот семестар, рокот за пријавување е од 1 до 31 октомври 2021 година.

По истекувањето на роковите за пријавување, Министерството за образование и наука ќе го извести секој кандидат за статусот на пријавата по електронски пат, а средствата ќе им се префрлаат на трансакциските сметки на студентите чии апликации се прифатени, на почетокот на секој месец.

Финансиската поддршка во износ од 120 денари за секој работен ден во месецот, освен за државни, верски празници и неработни денови, не е предвидено да се исплаќа во периодот на летниот распуст од 1 јули до 14 септември.

Според пресметките, финансиска поддршка се предвидува за околу 40.000 студенти кои ќе го користат ова права, за што, на годишно ниво се обезбедени околу 15 милиони евра. Студентите кои ќе го остварат правото, средствата ќе можат да ги користат за купување на добра и услуги кај сите трговци.

МОН обезбедува поддршка за аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, преку Секторот за ученички и студентски стандард и тоа на следните контакти: 075 276 310 Ќенан Сали ([email protected]), 076 485 023 Џемиле Ламалари ([email protected]) или 070 622 853 Неше Мустафа ([email protected]) или преку наменската канцеларија на приземјето во зградата на министерството.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »