Им смета кога сте среќни, децо. Сериозно, не се чудете. Има луѓе кои се алергични на вашата среќа. Не дај Боже во нешто да сте успешни. Не дај Боже некој за нешто да ве пофали. Не дај Боже да добиете некое признание или да освоите некоја награда. Тоа ќе предизвика да зовријат и да смислуваат како да ве дискредитираат, да ве понижат и обезвреднат. Ќе плукаат по вас, ќе измислуваат лаги ако треба. Ќе ви ги извртуваат мотивите. Ќе направат од вас страшила. Ќе користат зборови кои вам не би ви паднале на памет. Ќе се занимаваат со вас деноноќно. А бе нема да спијат ако треба. Немој да ве засега тоа децо. Штом толку се занимаваат со вас, сигурно страшно ве обожаваат. Сигурно имате нешто што тие го посакуваат.
Тие не знаат дека се што имате сте стекнале со напорна работа и многу одрекувања. Многу жртви. А тие не сакаат така. Секогаш оделе по линија на помал отпор. Лесно и без напор. Кога вие учевте цели ноќи, они спиеја или скитаа и се проведуваа. Кога вие читавте купишта книги, они си играа видео игрици. Им бевте смешни тогаш. Е, ама успехот е таков... си ги бара цврстите и вредни момци и девојки и со нив си прави екипа. Да децо, успехот е привилегија на истрајните. Секој успева во она во кое го инвестира животот. Пред нас имало великани на чии рамења стоиме. Луѓе исти како нас... мразени, исмевани и понижувани. Но истрајни. Посветени на својата цел. Што мислите, ако овие великани се откажеа заради кучињата што лаат по нив, дали сега ќе постоеше цивилизација? Старите имаат една изрека: Кучињата лаат, караваните си врват. Да го илустрираме ова со посовремени термини: Еден мерцедес поминува покрај контејнер, и неколку маалски кучиња што тарашкаат по ѓубрето се стрчуваат по него. Се осеќаат загрозени. Лаат до изнемоштеност. А мерцедесот смирено си продолжува по својот пат. По стотина метри, кучињата престануваат со потерата, сигурни дека го избркале. Што мислите, дали мерцедесот се засекира поради оваа ситуација? Дали се навреди? Дали отиде во гаража да плаче? Не. Мерцедесот е свесен дека е мерцедес. Работата му е да биде појава, неоспорна вредност и достигнување. Стил, елеганција и статус. Мерцедесот знае дека е врв. Знае дека во него е инвестирано премногу генијалност, напорна работа и идеја, за да се замара со маалски кучиња. Ме разбирате децо? Бидете мерцедес. Вашата мисија е да бидете најдобри во се. А кучиња ќе има секогаш. И ќе лаат. А и што да прават друго кога во тоа се најдобри.
Автор: Драган Таневски