Иако глобалната пандемија со Ковид-19 е катастрофална за повеќето луѓе низ целиот свет, таа е „бум“ за милијардерите.
Според податоците на „Oxfam“, Алијансата за борба против нееднаквоста, Институтот за политички студии и Патриотските милионери, богатството на најбогатите е зголемено за вкупно 5,5 трилиони долари од почетокот на пандемијата, пишува „Fast Company“.
И токму овие групи сега бараат еднократен данок за милијардерите за да помогнат да се запре катастрофалното влијание на пандемијата врз економијата и здравјето на остатокот од светот.
Групите бараат еднократен данок од 99 проценти за богатството собрано од милијардерите за време на пандемијата, што може да собере 5,4 трилиони долари. Ова за возврат ќе биде сосема доволно за да ги покрие трошоците за целосната вакцинација на секој човек на планетата.
Ако данокот од 99 проценти на профитот на милијардерите за време на пандемијата изгледа висок, „Oxfam“ и други групи велат дека дури и по еднократниот данок, 2.690 милијардери во светот сепак ќе бидат за 55 милијарди долари побогати отколку пред пандемијата да го уништи светот.
Како што истакнува претседателот на Патриотските милионери, Морис Перл, еднократниот данок за богатите има долг преседан: „По Првата и Втората светска војна, беа воведени еднократни даноци на богатство во голем број европски земји и Јапонија за финансирање на обновата. На пример, по Втората светска војна, Франција го оданочи прекумерното зголемување на богатството за време на војната од 100%. По глобалната финансиска криза во 2008-ма година, земји како Исланд воведоа привремени даноци на богатство за да помогнат во надополнувањето на јавната каса.
Групите исто така посочуваат дека богатството на милијардерите се зголемило повеќе во последните 17 месеци отколку во последните 15 години заедно. Од почетокот на пандемијата се појавија 325 нови милијардери.