Маски се купуваат секој месец, исто и средства за дезинфекција. Мора да се издвојат пари за ковид-тестирања доколку сакаме или мораме да излеземе или влеземе во земјава, или, не дај Боже, се разболиме. Мора да имаме пари на страна, за витамини и терапија кои воошто не се евтини, велат голем број граѓани.
Граѓаните се погласно реагираат дека, за разлика од западноевропските земји, како кои се стреми да биде и Македонија, кај нас државата не обезбедува бесплатни заштитни медицински маски, уште помалку бесплатни брзи тестови за влез во институции.
- Навистина ме интересира дали кога учениците ќе тргнат во училиште ќе имаат обезбедено бесплатни заштитни маски, или тоа повторно ќе биде обврска и трошок на родителите, прашува еден родител.
Голем дел од граѓаните, на социјалните мрежи, реагираат дека кога се воведуваат радикални мерки за заштита од корона пандемијата, државата мора да понуди барем минимална помош и поддршка во трошоците кои ги подразбира оваа борба.
-За влез во културни институции во Австрија самата институција има обезбедено брзи тестови, услуга која е бесплатна, додека кај нас доколку сакаш да купиш тест за сам да се тестираш на корона вирус, мора да одвоиш 500 денари, пишува една граѓанка која додава дека, поради немањето термини за тестирање на државно, најчесто граѓаните се приморани да се тестираат на приватно каде цените се над 1.000 денари.
-Додека држави како Франција, Германија...имаат радикални мерки да, но и прават напори да се олесни движењето на жителите и во услови на пандемија, кај нас се е поинаку. Поради немањето избор за вакцина, многумина беа приморани на свој трошок да патуваат во соседна Србија да се вакцинираат, сами да плаќаат тестирања, гласи друг коментар.