Моловите во недела и на празник ќе работат до 20, а не до 18 часот како што предложи Министерството за економија.
Измените на Законот за трговија со кои за најголемиот дел од трговците неделата ќе биде неработен ден утре се на дневен ред на собраниска седница, а новината во врска со продолжување на работното време за два часа е резултат на вграден амандман предложен од група пратеници од владејачкиот блок, во текот на расправата во надлежните собраниски комисии – за европски прашања и законодавно-правната.
Како што стои во предлогот кој треба да го изгласаат пратениците, од 10 до 20 часот во недела ќе можат да работат продавниците, киосците и штандовите во трговските центри (молови) кои имаат минимална ефективна површина за трговија на мало од 8.000 квадратни метри.
Но, за дозволата за работа во недела продавачите во моловите и самите молови ќе ѝ плаќаат на државата.
Спроведувањето на законот од страна на одделните субјекти (трговските субјекти во состав на моловите и самите молови) повлекува материјална обврска во корист на Буџетот, во висина од 2 отсто од вкупниот промет остварен во недела и на празници, во претходната година, стои во предлогот за измени на законот, кој е втора точка на дневниот ред на утрешната собраниска седница.
Во законот е наведено дека средствата што ќе се соберат на тој начин се наменски, ќе се користат за инвестирање во детски градинки.
Освен новото работно време на моловите, кое патем речено би било само два часа покусо од сегашното, во предложениот закон нема други новини. Останува членот со кој оние кои ќе работат во недела ќе добиваат две дневници, односно најмалку 100 проценти за секој одработен час и еден слободен ден во текот на неделата. Останува и правилото малопродажбата и големопродажбата во недела да се под клуч, а освен моловите да можат да работат и специјализираните продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи и апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност, продавниците на бензинските станици кои продаваат храна, пијалаци и тутун, штандовите и киосците за време на спортски настани, фестивали, манифестации, саеми и на јавни проекции на кинематографски дела, продавниците за трговија на мало со храна (без зеленчук и овошје), пијалаци и тутун во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата и зелените пазари.
Ако пратениците денеска ги изгласаат измените на Законот за трговија, продавачите всушност ќе бидат први кои ќе ги почувствуваат благодатите на неделата како ден за неделен одмор. Останатите вработени, како во приватните компании, така и во јавната управа, со исклучок на оние кои не смеат да го прекинат работниот процес, на недела како работен ден ќе почекаат. Измените на Законот за работни односи со кои се утврдуваат правилата за работење и неработење во недела подолго време се „заглавени“ во матичната собраниска Комисија за труд и социјална политика. Со тоа, измените допрва треба да добијат виза од Комисијата, за потоа да одат на собраниска седница.
Инаку, со тие измени и за останатите вработени во државата се применува истиот принцип како и за трговците, со таа разлика што за работа во недела наместо двојна, ќе добиваат за 50 проценти зголемена дневница.
Според Министерството за труд и социјална политика, кое е автор на предложените измени на Законот за работни односи, во неделите би одморале околу 92 процента од вработените во државата.