Промовирани огласи »

Со инвестициите во „Fab Labs“, покрај обуки и менторство ќе се обезбедат просторни и технички услови за производство на иновативни решенија, од фаза на идеја до фаза на прототип и тестирање, со можност за мало сериско производство.

Фондот за иновации и технолошки развој за прв пат инвестира во развој на иновациската инфраструктура преку три проекти на ЦИРКО, ФЕИТ и ИНО ТЕХ КЛУБ Штип, кои се избрани за кофинансирање во рамките на „Предизвик за воспоставување на лаборатории за производство FAB LABS – Младите создаваат”, со кој ќе се обезбеди пристап до современи технологии за средношколци и млади.

Иако првично предвидениот буџет изнесуваше 9 милиони денари, поради големиот број квалитетни проекти, ФИТР обезбеди дополнителни средства, со што финансирањето изнесува речиси 12 милиони денари, додека поддржаните институции ќе вложат околу 2,5 милиони денари сопствени средства.

„Со овој тип на активности ФИТР значително придонесува кон воспоставувањето на четворен хеликс систем кој подразбира блиска соработка помеѓу академската заедница, индустријата, граѓанскиот сектор и јавниот сектор. Оваа соработка треба да овозможи подобро искористување на иновациските потенцијали во сите општествени сегменти и подобри услови за младите да ги унапредуваат своите вештини и потенцијал“, прецизираше Коста Петров, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

Фондот претходно инвестираше во воспоставување на акцелератори кои исто така се иновациска инфраструктура, но се фокусираат на обезбедување менторство и инвестиции. Со инвестициите во „Fab Labs“, покрај обуки и менторство ќе се обезбедат просторни и технички услови за производство на иновативни решенија, од фаза на идеја до фаза на прототип и тестирање, со можност за мало сериско производство.

Центарот за истражувања, развој и континуирано образование (ЦИРКО) кој е основан од Машински факултет – Скопје (МФС) ќе ја воспостави „FabLab Skopje“, во која на располагање ќе бидат ставени дигиталните библиотеки на МФС, како и две други лаборатории каде се наоѓаат индустриските 3Д принтери, машините за обработка на полимери, обработка на метали и опремата за испитување на механички карактеристики. Примарна целна група ќе бидат средношколците, студентите и дипломираните млади лица, а како секундарна: професионалците-поединци, компаниите, дизајнерите и креативците, како и наставниците во средните училишта. Предвидена е физичка пристапност и за лица со попреченост во движењето, како и за лица со попреченост во слухот. Планирани се и посебни активности со кои ќе се промовираат техничките науки (STEM) кај женската популација од различни старосни групи.

„ФЕИТ ФабЛаб“ која ќе ја воспостави Факултетот за електротехника и информациски технологии-Скопје, ќе понуди основни и напредни курсеви и менторство во повеќе области како што се: моделирање за 3Д печатење и работа со 3Д печатач, практична електроника и вградливи микрокомпјутерски системи, слободен и отворен софтвер и други. Во рамките на лабораторијата ќе продолжат да се организираат: летна школа за дизајн на вградливи микрокомпјутерски системи, работилница „Технологија за тебе”, студентска програма Innovations in Smart Anything Everywhere – INNO-SAE, РобоМак – меѓународна работилница за роботика и вештачка интелигенција и летна школа за мултимедиски технологии.

Приходите кои ќе бидат обезбедени од средствата добиени преку експертската помош на кадарот на ФЕИТ, како и користењето на лабораторијата од страна на заинтересирани корисници од приватниот сектор кои лабораторијата ќе можат да ја користат како one-stop-shop за свои сопствени развојни и истражувачки потреби, ќе бидат вложени во понатамошниот развој и обезбедување на одржливост на лабораторијата.

Третиот поддржан проект „Inno Fab Lab“ ќе го спроведува ИНО ТЕХ КЛУБ Штип, со што ќе им се овозможи на педесетина креативни средношколци и студенти да се вклучат во работа на конкретни проекти кои ќе резултираат со развој на најмалку шест продукт-прототипи. Лабораторијата ќе биде лоцирана на Технолошко- металуршкиот факултет во Скопје а  тимовите ќе бидат составени од 6-8 млади луѓе, со главен предуслов најмалку 40% од членовите на тимот да бидат девојки. Во текот на четири месечното менторирање, во „Inno Fab Lab“ лабораторијата за производство, тимовите ќе имаат можност да ги надградат своите технички знаења и вештини, да стекнат искуство со тимска работа и да научат како да развијат идеја до продукт-прототип.

На Предизвикот кој беше отворен од 17 мај до 20 јули, 2021 година, пристигнаа голем број квалитетни предлог проекти кои не соодветствуваа во целост со моделот на Fab Labs, но ја демонстрираа потребата за сличен тип на инфраструктура во различни индустриски области каде младите ќе имаат можност да истражуваат и апликативно да ги применат своите знаења. Поради тоа ФИТР за наредната година планира поддршка која ќе овозможи воспоставување на слични лаборатории кои ќе овозможат пошироки технички услови за иновациски активности кај младите.

Линк од поддржаните проекти

Промовирани огласи »

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ вели дека затворањето во Австрија е „ужас и катастрофа“ и дека Хрватска е попаметна од Австријците.

Милановиќ пред медиумите ја коментираше и неговата изјава дека мерките во Австрија се фашизам. Во таа прилика тој рече: „Значи овие одлуки не ги носи ниту една наука, нема заговор, нема пеколен план да нè уништи… Ова е импулс што доаѓа од некаде. Австрискиот претседател е мој пријател, се извинувам за изјавата дека „таму се случува фашизам“. Тој е либерален и земја што го избрала толку либерален и „зелен“ не може да биде фашистичка. Но, некои политичари се однесуваат инертно, размислуваат полека, како Босут, така велат кога некој е бавен“, пренесува индекс.хр.

Милановиќ се осврна на фактот дека хрватскиот амбасадор бил поканет на интервју во Австрија, поради неговата изјава за фашизмот. Тој потоа додаде дека неговиот кабинет ќе го повика австрискиот амбасадор, како што тие го повикуваат хрватскиот.

Ќе ја изразиме нашата загриженост за основните човекови права на народот на Австрија. Кога веќе викаат за глупости, тогаш ќе викаме и ние, рече Милановиќ.

Промовирани огласи »

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлука со која од вечер на полноќ се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,03%, при што намалување има кај Еуродизелот, екстра лесното масло за домаќинство и мазутот, додека цените на Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98остануваат исти.

Малопродажната цена на Еуродизел (Д-Е V) се намалува за 1,50 денари/литар и сега ќе изнесува 66,50 денари/литар. Еуросупер БС-95 и натаму ќе се продава за 66,50 денари за литар, а Еуросупер БС-98 за 77,00 денари за литар.

Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за 1,00 денари/литар и сега ќе чини 66 денари за литар, а малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,607 денар/килограм и сега ќе изнесува 41,245 ден/кг.

Промовирани огласи »

Од денеска почнува изградбата на првата од трите 20-катници спроти хотелот „Холидеј ин“ во центарот на Скопје.

Од компанијата која ќе ги гради зградите „МГ Фешн“ ДОО Скопје испратија соопштение во кое информираат дека почнуваат со градба на зградите од комплексот „Гранд“ врз основа на одобрението за градба добиено од Општина Центар на 13 април годинава.

-Во оваа прва фаза започнува изградбата на станбено-деловниот објект кој содржи  три нивоа под земја, приземје плус 20 ката и поткровје. Објектот ќе биде изграден согласно највисоките архитектонски стандарди и нормативи за градење на енергетски ефикасни објекти кои имаат минимално влијание врз животната средина. Подземните нивоа се наменети за паркирање на возила, приземјето и првиот кат се со деловна намена, додека останатите катови се станбени единици со различна големина, велат од „МГ Фешн“. 

Според Деталниот урбанистички план за овој дел предвидена е јавна површина од вкупно 7.500 метри квадратни или приближно површина колку Плоштад Македонија. Од компанијата велат дека нивната визија за овој јавен простор е да се уреди на современ начин, налик на урбаните паркови во светските метрополи, како на пример оној на Порта Ноува  во Милано, а за идејно решение ќе предложат да биде распишан јавен конкурс во соработка со Општина Центар. 

Во однос на обесштетувањето, „МГ ФЕШН“ ДОО Скопје потсетува дека со целосната реализација на овој проект, жителите на Ново Маало конечно ќе ги почувствуваат бенефитите на современото урбано живеење во главниот град преку урбано регенерирање на овој значаен простор во срцето на Скопје.

Станува збор за обесштетување на повеќе од 300 жители кои сè уште опстојуваат таму како староседелци во центарот на Скопје и кои повеќе од седум децении живеат во супстандардни услови, без фекална и атмосферска канализација, во објекти изградени кон крајот на 19-ти или почетокот на 20-ти век, а притоа со децении имале забрана за каква било реконструкција, доградба или изградба на нивните домови.

Воедно, МГ ФЕШН ДОО Скопје ги повикува сите жители на Ново Маало кои имаат имот на територијата на ДУП Ц08, а со кои досега не се склучени договори за обесштетување, без разлика дали на нивниот имот е предвидена изградба на објекти или јавен простор, да нè контактираат или да дојдат во деловните простории на компанијата за да се склучат соодветни договори за обесштетување со цел изградба на целиот станбено-деловен комплекс предвиден со ДУП Ц08.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »