Барањето за зголемување на минималната плата на 18.000 денари денеска се разгледуваше на седница на Економско-социјалниот совет, но, ниту по неколкучасовна расправа Владата, синдикатите и работодавачите не постигнаа договор.
Консензус, посочија, има единствено дека минималната плата треба да се зголеми, но, не и за колку или на каков начин да се дојде до тоа.
Имавме навистина конструктивен дијалог како можеби никогаш невиден на нашите простори. Имаме консензус дека минималната плата ќе се зголеми. Дијалогот ќе продолжи во петок, после 16 часот. И ги уверувам сите граѓани коишто се во категоријата на приматели на минимална плата, дека наскоро ќе има консензус околу нивните покачени минимални плати. Но, кажавме, дека единствениот начин како да се стигне до достоинствена плата за нашите работници е креирање систем што е долгорочен, што нема да ги остави на волјата на една Влада, кога таа ќе сака или ќе има слух или на различните страни како што се синдикатите или организациите на работодавачи, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Според него, треба да се зборуваме за креирање систем, механизам, кој и наредните години ќе осигура дека минималната плата навистина е достоинствена и, како што нагласи, веќе ќе заборавиме да зборуваме за минимална плата, туку за достоинствени плати на нашите работници.
За тоа зошто денеска не е постигнат договор и зошто се остави одлука да биде донесена во петок, вицепремиерот истакна оти станува збор за трипартитен дијалог помеѓу синдикати, организации на работодавачи и Влада и оти во секој дијалог ако се сака да се дојде до решение мора да се почне од некаде и да се стигне до одредено решение.
За претседателот на ССМ Дарко Димовски, предлогот што го дале работодавачите на крајот од денешната седница е само обид да купат време.
Се преговараше три саати и кога преовладаа аргументите на страната на ССМ и на останатите синдикати работодавачите во 5 до 12 излегоа со свој предлог. Аргументите беа на наша страна ја убедивме Владата како социјален партнер дека минимална плата навистина треба да биде 60 проценти од просечната плата, но, Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) само сака да купи време до петок со измислено предлог решение, вели Димовски.
Тој е дециден дека доколку не се дојде до решение, останува штрајкот како следен чекор на синдикатите.
Штрајкувачките одбори остануваат ние во петок имаме закажано органи и тела на Сојузот. Ќе дојдеме и во 16 часот во петок и ќе им соопштиме дека доколку не се одобри ова што го бараме ние стапуваме во генерален штрајк, вели Димовски додавајќи дека аргументите и анализите се на страна на синдикатите и оти тие покажуваат дека минималната плата мора да расте, како и сите останати плати согласно закон и колективен договор.
Според него, предлогот на работодавачите е чекор назад во правата на работниците.
Претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајковска појасни дека предложиле критериумите по однос на одредување на минималната плата да претрпат измени.
Очекуваме предлог и од Владата дали ќе бидат прифатени нашите идеи. Имавме некоку идеи, истите дали ќе бидат прифатени или не. Синдикатот имаше нивни идеи. Очекуваме компромис помеѓу сите три чинители, рече таа додавајќи дека решението треба да е соодветно на сегашната состојба во економијата.
Според неа, ваквите разговори се единствениот начин како може да се дојде до решение.
Четри месеции претходно се разговараше во медиумите, меѓутоа ништо конкретно на маса. Задоволни сме што конкретно Владата организираше седница на ЕСС за да можеме да ги искажеме нашите ставови по однос на нашето размислување за минималната плата и придобивките како на работодавачите, така и на работниците во тој дел. Излеговме со наши предлози, меѓутоа очекуваме како што кажавме, очекуваме од службите на Владата да излезат со анализи во однос на нашите предлози и дури тогаш ќе можеме да зборуваме за конкретни предлози, конкретни бројки, и конкретни износи, рече Трајковска.
Додека за ова прашање се разговара меѓу социјалните партнери, Предлог-законот за измени на Законот за минимална плата што го поднесе партијата „Левица" веќе е ставен на дневен ред на собраниската седница закажана за 10-ти овој месец.
Според веб-страницата на Собранието, Предлог-законските измени се ставени како седма точка на дневен ред. Предлог-законот треба да биде донесен по скратена постапка, а со него се предлага висината на минималната плата да не биде пониска од 60 проценти од просечната исплатена нето-плата во последните три објавени месеци, согласно со податоците објавени од Државниот завод за статистика.
Предлог-измените се во согласност со барањата на Сојузот на синдикати на Македонија, кој лани поднесе иницијатива до Собранието за измени на Законот за минимална плата.
Поради зголемените трошоци за живот и енергетската и ковид кризата, Синдикатот бара минималната плата веднаш да биде зголемена на 18.000 денари.
Засега, освен Левица, најава за поддршка на законот дадоа и од ДОМ и Демократскиот сојуз. Вицепремиерот Битиќи рече дека владејачкото мнозинство ќе го поддржи само доколку за такво решение биде постигнат консензус на социјалните партнери. /МИА