Министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека Владата на денешната седница донела одлука од 1 март до 31 мај да ги замрзне профитните маржи на основните продукти кај трговците и тоа за 5 отсто кај оние на големо и 10 отсто кај тие на мало.
Основните производи се леб, шеќер, сол, брашно Тип 400, сончогледово масло, трајно млеко, свежо месо и сувомеснати производи, сирење, урдата, ориз, јајца, тестенини и пченица.
Како нови продукти чии цени до сега не беа замрзнати се овошјето и зеленчукот, како и суровото сончогледово масло. Иако претходно најавите беа дека оваа мерка ќе важи само за странските производи, според она што го објави министерот, сепак ќе се однесува на сите продажни цени.
- Оваа одлука се носи да се ограничат профитите на трговците на грбот на граѓаните и производителикте, рече Бектеши.
За прекршување на овие мерки предвидени се 800 до 1.000 евра за микро-трговец, 1.600 до 2.000 за мал, 3.000 до 6.000 за среден, од 7.000 до 10.000 илјади евра за голем трговец.
- Во наредниот период Државниот пазарен инспекторат ќе излезе со засилени контроли, а граѓаните ако утврдат зголемени цени да пријават на 191, додаде Бектеши.
Тој додаде дека Министерството за економија ова ќе го регулира и законски, а во финална анализа е Законот за нефер трговски практики во синџирот за снабдување на храна.