Просечната месечна пензија на крајот на минатата година изнесуваше 15.876 денари, а на крајот на 2022 година проекциите се дека ќе биде околу 17.300 денари, порача премиерот Димитар Ковачевски по средбата со претседателката на Сојузот на здруженија на пензионерите Станка Трајкова.
Минатата недела преку отворен дијалог со пензионерите обезбедивме континуиран раст на пензиите, а со тоа и на нивниот животен стандард и квалитетот на живот. Го прифативме моделот на Сојузот на здруженија на пензионерите што го предложија како нова методологија за континуиран раст на пензиите. Она што го ветивме низ дијалогот со пензионерите го реализираме во најбрз можен рок и ќе почне да се применува со септемвриската пензија. За тоа говорат и делата, а денеска слушнав и други конструктивни предлози кои се од интерес на пензионерите и ќе бидат разгледани со ресорните министерства, рече Ковачевски по средбата.
Новата методологија, како што кажа, ќе овозможи пораст на пензиите и во наредните години без никакви влијанија.
-Соработката со Сојузот на здруженија на пензионерите и со сите релевантни општествени чинители за нас како Влада е од голема важност, бидејќи заедно во консултации со нив ги носиме одлуките. Таквите одлуки секогаш се многу подобри отколку кога се носат еднострано, потенцира Ковачевски.
Трите илјади денари директна финансиска помош за речиси 330 илјади пензионери од по 1.000 денари со мартовската, априлската и пензијата во мај, како што кажа, ќе се исплаќаат од Пензискиот фонд кој е во добра кондиција. Порача дека во 2022 година заедно со финансиската помош пензионерите во просек годишно ќе имаат повеќе по околу 12.000 денари во споредба со 2021 година.
Во март и во септември во иднина ќе се прави новото усогласување на пензиите зашто Државниот завод за статистика тогаш ги обвјавува официјалните податоци за растот на просечната плата, рече Ковачевски и додаде дека Владата веднаш ќе почне се примена на новата метода, а пензионерите своите покачени пензии ќе ги добијат од септември годинава.
Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионерите Трајкова посочи дека пензионерите денеска имаа можност премиерот на државата непосредно да им ја објасни новата методологија за усогласување на пензиите, а тие побараа од него да бидат решени повеќе прашања и проблеми со кои се соочуваат лицата од третото доба од доменот на здравственото осигурување, социјалното домување, пензионерските и старечките домови.
Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија речиси една година даваше свои предлози да се промени формулата за усогласување на пензиите и после две работни средби епилогот е позитивен – пензиите како системско и законско решение ќе се усогласуваат два пати во годината и тоа со 50 отсто од порастот на платите на сите вработени и со 50 отсто од порастот на трошоците на животот, истакна Трајкова.
Нагласи дека новото методолошко решение ќе биде преточено во закон што, како што рече, ќе претставува голема првна сигурност за корисниците на пензија.
Тоа значи дека за пензиите нема да се одлучува со акт на било која влада, туку со закон кој нуди здраво и непристрасно решение, потенцира Трајкова.