Промовирани огласи »

Со летниот распоред на летање, што стартува на 28-ми месецов, покрај новата авиолинија Скопје-Софија, на аеродромите во државава се враќаат неколку рути што функционираа пред ситуацијата со болеста.

Се очекува и враќање на полски ЛОТ со линијата за Варшава. Истовремено со стапувањето во сила на летниот ред на летање, на Скопскиот аеродром почнуваат и градежни активности за обнова на пистата.

Моментално, летниот распоред на летање од Меѓународниот Аеродром Скопје има 35 дестинации. Сите дестинации што ги имавме лани ќе продолжат, освен Москва, Санкт-Петербург и Киев. Иако како авиолинии беа пуштени првпат во кризата, во 2020 и 2021 година, во моментов овие три линии не се оперативни. Во овој летен распоред на летање се враќаат и неколку рути кои ги имавме пред панд*мијата, но во текот на зимската сезона се’ уште не беа вратени. Друга авиолинија за која се надеваме дека ќе се врати, по завршувањето на рехабилитацијата на пистата, е Варшава, со полската авиокомпанија ЛОТ, која исто како и авиолинијата до Истанбул, се користеше од нашите патници како конекција за патувања до САД, вели во интервју за МИА Метин Батак, извршен директор на ТАВ Аеродроми.

Веруваме, како што дополнува, дека авиолинијата Скопје-Софија, која е новина во летниот ред на летање, ќе им даде уште поголем поттик на туризмот и економијата во земјава.

Секоја авиокомпанија пред воведувањето на некоја линија прави детални анализи и проценки за нејзината одржливост, трошоците и приходите, така што верувам дека и во овој случај тоа не е исклучок, оценува Батак, прашан за одржливоста на новата авиолинија.

Тој истакнува дека последиците од кризата сѐ уште се чувствуваат глобално и оти се потребни уште најмалку две до три години за закрепнување на авиосообраќајот на светско ниво.

Изминатите две години беа и се навистина предизвикувачки за авиосекторот. Почна со кризата, продолжува со глобалните политички и економски случувања. Сето ова влијае врз сите бизнис-сектори, вклучувајќи го и авиосообраќајот, така што брзите прилагодувања на секоја новонастаната ситуација се неопходни и се покажаа како клучни во целиот овој период. Постојат бројни предизвици со кои ТАВ Мaкедoнија успешно се носи, секогаш организирајќи ги процесите и условите за работа според највисоките глобални авијациски стандарди, за што доказ се и меѓународните признанија што ги добиваме, наведува Батак.

Во првите два месеца од годинава на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид се регистрирани 215 227 патници, што е пад од 29 проценти на вкупниот број патници споредено со бројките за јануари и февруари во 2019, како референтна година. Во однос на 2021 година, бројот на патници во првите два месеци оваа година е зголемен за 107 проценти. Бројот на летови пак, на двата аеродрома во првите два месеци годинава е 1.900, што е 46 проценти повеќе во однос на истиот период лани, но е за 26 проценти помалку во однос на 2019 година.

Промовирани огласи »

Државниот завод за статистика(ДЗС) објави дека стапката на неработеност е 15.7 отсто. 

Лани активното население во државава броело 943.004 луѓе, од кои вработени се 795.087, а 147.917 лица се невработени. Стапката на активност во овој период е 56.0, стапката на вработеност 47.2. 

Ако во 2020 година имало 94.614 невработени мажи, лани без работа биле 92.880 мажи. Во 2020 година без работа биле 61.335 жени, а минатата година 55.036. Власта цели кон тоа невработеноста да ја сведе на едноцифрена бројка. 

  

Промовирани огласи »

Во април работниците ќе земат минимална плата од 18.000 денари, но паралелно се случи бран поскапувања, па затоа да пресметаме што и колку можеме да купиме со таа сума.

Граѓаните сметаат дека и 18.000 денари се премалку за пристоен живот, но ако вреќа брашно чини 800 денари, со минималецот ќе купите 22.5 вреќи, ако сметаме дека маслото за јадење се продава за 100 денари, тогаш со минималецот ќе купиме 180 шишиња од овој производ.

Се покачи и автобускиот превоз, па така ако повратниот билет на релација Скопје – Охрид е 1.100 денари, со минималецот можете да купите 16 билети до оваа дестинација.  За истата сума, за најблиската релација од Скопје, односно ако патувате до Куманово до каде билетот во еден правец чини 150 денари, ќе можете да платите 120 билети.

Во многу кафулиња во главниот град, нес кафе чини 120 денари, и со минималната плата можете да покриете 150 кафиња. На атрактивни локации во Охрид, уште лани летото нес кафето чинеше 150 денари, и таму би испиле 120 кафиња.  Берово и Крушево, иако се туристички места, сепак се евтини, и во овие два града, со 18.000 денари во кафулињата можете да платите 300 пијачки, кафиња или пак сокови. За купување на мебел можностите се мали.

Со минималец кај нас може да купат еден кревет, четири столчиња, или трпезариска маса, но сето ова одделно, не заедно. Ако имаме акција можат и мала блок кујна да купат за 18.000 денари или ако чини 19.000 денари, да додадат уште 1.000 денари. Ова е за најевтините работи кои се нудат на акција, за нешто поскапо не може да стане збор, велат од продавница за мебел во Битола.

Од продавниците за мебел велат дека луѓето кои примаат минималец многу тешко можат да го променат мебелот дома, или ако тоа го сторат, можат да си дозволат да го купат само  најевтиното и најнеопходното. 

Но, ова е само доколку имаме в џеб сума од 18.000 денари, а треба да земеме во предвид дека работниците со таа плата преживуваат, се прехрануваат, плаќаат сметки, и со нив треба да поминат цел месец. Тоа значи дека работникот кој работи за 18.000 денари, има на располагање по 600 денари дневно во текот на месецот. Повисока минимална плата ќе земат 80.000 работници во земјава.

Промовирани огласи »

Стриминг платформата Netflix нуди ризница од нови содржини за своите претплатници. Покрај премиерите, месецов на Netflix се или ќе бидат достапни и некои постари наслови кои сигурно со задоволство ќе ги прегледате.Почнуваме со новата сезона од историска драмска телевизиска серија Outlander.

Станува збор за ТВ серија која е базирана на бестселерите „Outlander“ од Дајана Габалдон. Приказната го следи животот на Британката Клер Рандал (Катрина Балф), медицинска сестра која била на бојното поле во Втората светска војна. Откако војната завршила, во 1945 година, таа и нејзиниот сопруг со кој во период од 5 години поминале само 10 дена заедно, решиле да одат на втор меден месец во Шкотска со цел од почеток да се запознаат. Но, по сплет на неверојатни околности, Клер мистериозно ќе биде вовлечена во минатото и ќе се најде во 1743 година, во еден свет кој е целосно вонземски за неа.

Кога Клер ќе се најде во средината на пресметка помеѓу војници од Англија и Шкоти, нејзиниот мозок прво ќе се обидува да бара логично објаснување за она што го гледа. Можеби сонува или пак, случајно се нашла во сцена од филм. Но, колку и да се обидува да се убеди дека станува збор за едно големо недоразбирање, сепак реалноста едноставно ќе почне да преовладува. Таа се наоѓа во минатото. И изгледа дека е во време во кое е многу опасно за една жена да биде сама. Таа за само неколку денови ќе биде нападната, ќе биде под закана и киднапирана.

За да преживее, Клер ќе мора да најде начин како да се адаптира на околината. Барем привремено додека не сфати како да се врати на местото кое ја доведе во овој хаос. Бидејќи е Британка, нејзините нови „пријатели“ Шкоти ќе се плашат дека таа е шпион, но од друга страна пак, измислената приказна за нејзиното потекло ќе фрли сомнеж за неа и во очите на Британците. Таа ќе се најде помеѓу две сосема спротивни страни, обидувајќи се да сфати каде би била побезбедна – помеѓу својот народ или пак, кај Шкотите.

Станува збор за приказна која е базирана на историски факти. Но, она што ќе ви го привлече и задржи вниманието кај оваа ТВ серија се неверојатните пејзажи, прекрасната музика и необичните традиции во Шкотска. Вие брзо ќе се заљубите во ова прекрасно место, но и во народот кој живее во него. Клер ќе ве одведе во свет кој на прв поглед е сосема ист како оној денес, но доколку подобро погледнете ќе сфатите дека сè е различно. И покрај бруталноста која владеела во 18-от век, сепак постои некаква привлечност во тој едноставен живот. А ова е една од причините поради кои ќе ја гледате секоја епизода во еден здив.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »