Основните градежни материјали бележат значителен раст на цените, а она што загрижува е што неизвесен е крајот на поскапувањата, вели Андреја Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора. Вели дека анализата на Здружението покажува дека на пример, во периодот март 2020 до март лани цената на челичните профили и цевки порасна за 33 отсто; од март 2021 до јуни таа година за дополнителни 33 отсто, а до крајот на годината и до 95 проценти. Од почетокот на пандемијата до крајот на 2021 година поскапувањата кај оплатата, геокомпозитот, термоизолацијата ESP, заштитните премази, полимер-битуменот за асфалт и металните профили надминале 50 проценти, а со особено изразен интензитет продолжиле и од почетокот на оваа година.
Серафимовски тврди дека проблемот со поскапувањата ги засега сите сегменти на градежништвото и високоградбата и нискоградбата, а исто така и приватните вложувања и јавните инвестиции. Проблемот иако се манифестирал во сите сфери, најмногу се чувствува во доменот на јавните набавки.
Прво, кај тековните јавни набавки има проекти кои се реализираат три, пет и повеќе години, при што кај набавките со фиксни цени, компаниите работат во услови на непроменети цени договорени пред неколку години и неможност на корекција на истите, додека кај набавките каде има пропишано клизна скала истата не функционира, односно не ги одразува зголемувањата на цените во реалноста.
Второ, кај јавните набавки кои се пропишани и евалуирани, но не се започнати, проблемот е што цените кои се пропишани и евалуирани и пред месец дена повеќе не се исти со оглед дека од ден на ден се зголемуваат што доведува до тоа компаниите да ги откажуваат понудите, а сето тоа предизвикува имплликации од правен и економски карактер врз нив кои тешко може да ги поднесат имајќи ги предвид актуелните состојби.
Трето, голем проблем се и новите јавни набавки со оглед дека условите по кои се пропишуваат се оние услови кои ги имавме една, две, пет и десет години, т.е. во услови кога нормално се живееше и работеше и не соодветствуваат со денешните состојби. Поради тоа, се доведува во прашање исплатливоста на реализацијата и се создава неизвесност во градежништвото што може да доведе и до пропаѓање на голем број тендерски постапки, вели Серафимовски.
Тој ги пренесува предлозите на Здружението.
Бараат итна и недоложна средба со владини претставници на највисоко ниво со цел да ги презентираат последните предлози за надминување на посочените проблеми
Информираме дека предлозите кои се однесуваат на методологијата за пресметка на разлики во цени во договорите за градење, ги доставуваме и во пишана форма до претседателот на Владата и заменикот на претседателот на Владата за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, како и до ресорниот министер, при што очекуваме дека овој пат ќе имаат слух и ќе ги разгледаат барањата на секторот кој е еден од двигателите на македонската економија. Уште еднаш апелираме и нагласуваме дека со усвојувањето на мерки за поддршка за градежните компании, бенефит покрај стопанството ќе има и државата и граѓаните, преку повлекување на ангажманот на уште дваесетина други стопански гранки кои директно и индиректно се поврзани со градежништвото, зголемување на економската активност, како и задржување на работните места коиво градежништвото изнесуваат околу 7 отсто од вкупно вработените лица на ниво на државата, вели Серафимовски.