Богатите албански семејства ќе плаќаат повеќе за струја.
Албанскиот премиер Еди Рама денеска најави дека се прави студија со која ќе се разгледа можноста богатите домаќинства да плаќаат поскапа електрична енергија. Тој нагласи дека за другите домаќинства нема да има зголемување на сметката за енергија, за што Владата ќе продолжи да ја плаќа разликата.
Рама уште еднаш ја повтори одлуката на Владата со која нема зголемување на цената на електричната енергија за албанските домаќинства и покрај енергетската криза и неповолната хидролошка состојба од која зависи домашното производство.
Локалното производство на електрична енергија во Албанија зависи од хидроенергијата, а сушата во последните месеци ја влоши и онака лошата ситуација со електрична енергија во земјата.
Има неповолна хидрологија на акумулацијата на најголемата хидроелектрана „Фиерза“, која е втора по големина на Балканот. Според последните информации таа е на критичниот минимум, поради што е запрено производството.
Владата претходно објави дека ќе мора да потроши околу 550 милиони евра за увоз на електрична енергија.
Светот го тресе енергетска криза. Многу земји им советуваат на своите граѓани да штедат гас, но и нафта доколку се во можност.
foto freepik.com