Васко Ковачевски, генералниот директор на АД ЕСМ, денеска ги презентираше ставките за кои беа потрошени 171 милиони евра од Владата за време на енергетската криза и кризата со снабдување на топлинска енергија од крајот на минатата година па до денеска.
Најмногу пари - околу 72 милиони евра му се исплатени на когенеративната централа ТЕ-ТО. Од оваа сума, 65,9 милиони евра се исплатени за откупената електрична енергија од 300 гигаватчасови, додека 5,87 милиони евра се платени за гас, односно за топлинска енергија за парно-греење.
За набавената електрична енергија од странство заради покривање на загубите се исплатени 34,43 милиони евра од 127 гигаватчасови. На операторот МЕПСО за повлечена енергија му се префрлени 12 милиони евра.
За набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, термоцентралата која беше стартувана по долги години пауза, се платени 31,72 милиони евра во текот на грејната сезона за 53 илјади тони.
Во делот на набавка на јаглен од приватни компании надвор од рудниците кои што се во сопственост на АД ЕСМ очигледно имало дебакл, затоа што се потрошени само 2,8 милиони евра.
- Изминатите седум месеци беа најтешките во историјата на АД ЕСМ. Обезбедивме да нема ниту еден ден рестрикции на струја и да нема намалено снабдување на електрична енергија.
193 милиони евра ќе имавме добивка, доколку останатите 40 отсто, кои инаку не сме должни да му ги продадеме на универзалниот снабдувач, ги продававме на слободниот пазар, рече Ковачевски.
Тој додаде дека денеска завршуваат договорите со ТЕЦ Неготино и АД ТЕ-ТО.