Владата на денешната седница одлучи да ги укине сите останати ковид-мерки, со исклучок на задолжителното носење заштитни маски во здравствените домови, аптеките, јавниот превоз и центрите за нега на стари лица и лица со посебни потреби, објави на својот Фејсбук профил првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.
Тој посочува дека одлуката на Владата следи по заклучокот на Комисијата за заразни болести за стабилната епидемиолошка состојба во земјава.
Владата препорачува практикување на основните превентивни мерки за лична заштита од Ковид-19, напиша Груби.
Комисијата за заразни болести на состанок одржан на 27 април препорача укинување на сите рестриктивни мерки за справување со КОВИД-19, освен задолжителното носење маски во здравствени установи, аптеки, јавен превоз и домови за стари лица. Комисијата сепак упати апел до граѓаните да ги почитуваат препораките за лична заштита и хигиена, како што се често миење раце, дезинфекција и одржување дистанца.
Од Комисијата потсетија и дека вакцинацијата и понатаму останува најдобра и најефикасна мерка за заштита на здравјето на населението.
Комисијата за заразни болести на дневна основа ја следи состојбата со КОВИД-19 и доколку има потреба ќе бидат препорачани нови мерки, соопшти минатата недела Министерството за здравство.