Работниците имаат право на платен годишен одмор од најмалку 20 дена, а со колективен договор или договор за вработување одморот може да трае и до 26 дена.
Според Законот за работните односи, годишниот одмор може да се користи во повеќе делови со договор со работодавачот, со тоа што првиот дел од годишниот одмор мора да трае најмалку две непрекинати работни недели.
Работникот кој за прв пат заснова работен однос (воопшто, не кај конкретниот работодавач) се стекнува со право на користење цел годишен одмор (од 20 до 26 работни дена) кога ќе оствари непрекината работа од најмалку 6 месеци, независно дали работи полно работно време или пократко.
При тоа мора да се знае дека работниците, во случај на прво вработување, кои се пријавени на определено работно време кое е помало од 6 месеци формално правно немаат право на користење на цел годишен одмор, затоа што во тие 6 месеци биле пријавувани и одјавувани, без разлика што се работи за ист работодавач и помеѓу пријавувањето нема пауза. Тие имаат право на користење на пропорционален дел од годишниот одмор и тоа по два работни дена од секој месец работа.
Работодавачот е должен на работникот да му обезбеди искористување на две непрекинати работни недели годишен одмор до крајот на тековната календарска година, а остатокот до 30 јуни идната година.
Годишниот одмор кој што не бил искористен во тековната календарска година заради отсутност поради боледување или повреда, породилен одмор или одмор за нега и чување на дете, работникот има право да го искористи до 30 јуни идната календарска година.За останатите вработени од приватниот сектор, рокот за искористување на деновите од стариот одмор е 30 јуни, а првиот дел од новиот одмор треба да биде искористен до 31 декември.