Во економската програма, СДСМ најави воведување прогресивен данок, наспроти досегашниот рамен данок, што беше политика на претходната власт. Владата на ВМРО-ДПМНЕ категорично беше против прогресивното оданочување бидејќи не отстапуваше од замислата земјата да се прикаже како рај за ниски даноци и тврдеше дека не сакаат им зададат удар врз џебот на граѓаните и компаниите.
Идејата за прогресивно оданочување СДСМ ја презентираше уште во 2015 со проектот „Визијата за Македонија“ кога најави дека планира воведување персонален данок на доход со две стапки, 10% и 18%. Побогатите наместо 10% како досега, да плаќаат 18%. Економистите со поделени ставови, професорот Ванчо Узунов смета дека прогресивното оданочување е добар потег за разбивање на јазот помеѓу богатите и сиромашните.(10.47-12.23)
Доколку јас како граѓанин земам плата, плус земам хонорари, плус имам акции и ми се исплаќа дивиденда или, пак, изнајмувам дуќан, сите овие приходи кога ќе се соберат прават сума над 1000 евра. За парите над оваа квота ќе треба да платам повисок данок, и тоа е в ред затоа што јас пак останувам побогат во однос на другите. Но, со тек на време овој данок е предвидено да ја врати средната класа. Многу е логично и нема потреба да се плашиме од него, доколку сме способни можеме да заработиме во нормални пазарни услови. Но, кога ќе го платам, ќе отворам четири очи каде власта ги троши моите пари, нема да дозволам нетранспарентност, скриени игри и лаги. За разлика од прогресивниот, рамен данок е феудален данок, уште од турско, кога сите плаќале десеток на султанот, смета Узунов.
Дел од експертите, пак, предупредуваат дека менувањето на даночната политика е сензитивно прашање и чекорите кон воведување нови начини на оданочување треба да бидат одмерени и во склад со економските текови во државата. Прогресивното оданочување, како што објаснува професорот Маријан Петрески, е карактеристично за развиените западно-европски држави, а најкарактеристичен е во Скандинавија каде што има неколку стапки. Но, според Петрески, помеѓу економиите на Македонија и скандинавските држави нема место за споредба.(10.50-12.10)
Доколку е крајно решение да се воведе овој начин на оданочување потребно е да се процени кога е моментот, во која фаза од развојот. Тука мислам да се размисли, дека е добро економијата да забревта, по цена ете условно речено да се зголеми нееднаквоста меѓу населението и кога има висок раст, висок БДП и тогаш да се воведе. Сметам дека една од анализите треба да се темели токму на овој факт. Се алудира во јавноста на прогресивните даноци во скандинавските земји, но сметам дека е сосема депласирана таа споредба. Тие се на друго ниво на економски развој, висок БДП, висока стапка на извоз и речиси да не постои сиромаштија. Затоа, доколку целиме да ја стигнеме Шведска, треба добро да го осмислиме патот по кој ќе се движиме.
Узунов смета дека прогресивното оданочување нема да влијае врз бизнисот и инвестициите во државата затоа што со него се оданочува приходот на поединецот, а не добивката на компанијата.(6.45-7.35)
Постојат два вида директни даноци, едниот е данок на добивка, другиот е персонален данок. Данокот на добивка го плаќаат правните лица и тој ќе си остане ист, односно 10% од добивката што ја остваруваат, како и досега. Ако фирмите откако ќе го платат овој данок имаат профит и решат да го реинвестираат, тогаш акционерите не добиваат ништо, приказната завршува тука. Но, доколку добивката ја поделат како дивиденда, таа веќе влегува во пријавата за персонален данок на доход и претставува основа за пресметка за оданочување.
Од друга страна, Петрески смета дека прогресивниот даночен систем може да предизвика бумеранг-ефект во економијата. Како пример го наведе ИТ секторот, каде што платите и приходите се повисоки. Според него, ова би можело да предизвика уште поголем одлив на мозоци, со тоа би стагнирал и овој сектор.(12.25
Во таа анализа на доходите треба да се види кои се тие најбогати слоеви и како би се зафаќало од нив. Дали тие нивни доходи се резултат на рамниот данок или на нешто друго. Но, за потсетување, СДСМ во ‘Вистината за Македонија’ објави дека одредени луѓе се богателе не поради даноците туку влијаеле други фактори. Треба се внимава и на границата на прагот на оданочување затоа што мора да се води сметка за бихевиоралниот одговор на луѓето што ќе бидат оданочени. Во ИТ-секторот и здравството вработените примаат највисоки плати, односно над 1000 евра. Повисокото оданочување на тие луѓе може да резултира со нов одлив, односно иселување од државата. Затоа што од овие сектори може многу лесно да најдат работа во Германија и други западно-европски држави, додава професорот Петрески.
Од балканските држави рамен данок имаат Бугарија, Романија и Србија. Додека Словенија и Хрватска имаат прогресивни даноци. Во Европа рамни даноци плаќаат Унгарија, Литванија, Естонија и Летонија.
Инаку, рамниот данок во Македонија беше воведен во 2008 година кога даночните стапки на данокот на доход и персонален данок од 24%, 18% и 15% беа израмнети на 10%.
Извор - Makfax