Починатата родилка Маја Кадиева инсистирала на царски рез. Ова денеска го потврди нејзиниот матичен гинеколог Митко поп Кочев, кој сведочеше на продолжението од судењето против двајцата гинеколози и анестезиологот од гевгелиската болница, обвинети за смртта на Кадиева.
Поп Кочев рече дека родилката доживеала стрес при првото породување, па затоа била исплашена. Според негово мислење, Кадиева можела да почека со породувањето, бидејќи терминот сеуште не бил поминат. Ова му го кажал и на нејзиниот сопруг, дента кога тој дошол да го извести дека сопругата му ја подготвуваат за царски рез.
Мојата сопруга имаше страв од компликации и од некипираноста на гевгелиската болница и затоа вториот пат инсистираше на царски рез - изјави Димитрија Кадиев – сопруг на починатата родилка.
Според Кадиев, лекарите му рекле дека е подобро сопругата да му ја породат пред празникот кој претстоел, бидејќи следувал и продолжен викенд. Пред судот денеска сведочеше и сопственичката на гевгелиски ресторан, каде што анестезиолозите Томчо Ванчев и покојниот Зоран Јовановски на денот на породувањето биле на ручек. Негираше дека пиеле алкохол, иако на претходното рочиште келнер од кафе бар каде лекарите подоцна биле, рече дека дошле пијани и продолжиле да пијат.
Сите кафански фаци ги знаат, тие се чести фаци во кафаните и биртиите, зошто се криеле за да не ги видат. Јас ги видов колку беа пијани. - изјави Кадиев.
Никој од обвинетите и нивните адвокати вчера не сакаше да даде изјава. За смртта на 32 годишната дојранчанка Маја Кадиева и нејзиното новороденче, кои починаа пред 21 месец, обвинети се анестезиологот Томчо Ванчев и гинеколозите Венци Чалков и Дончо Москов. Четвртиот лекар кој доби обвинение, анестезиологот Зоран Јовановски почина пред да почне судењето.
Извор: ТВ 24