Комисијата за заразни болести в петок ќе одржи состанок на којшто ќе се дискутира за состојбата со коронавирусот во државата, потврдија за МИА од Комисијата. Согласно вчерашната статистика, позитивни се 34 проценти од вкупниот број тестирани, а нема починати лица.
До вчера активни беа 1 889 случаи на коронавирусот. Најмногу активни случаи имаше во Скопје – 1045, додека во Крушево, Демир Капија, Македонска Каменица и Пехчево немаше регистрирани случаи на коронавирусот.
Додека во државата состојбата со КОВИД-19 засега е стабилна, регионот се подготвува за новиот бран на вирусот.
Во Бугарија од понеделник се враќа носењето заштитна маска. Како што изјави за БНР главниот државен здравствен инспектор Ангел Кунчев, Бугарија се соочува со нов бран на Ковид-19 и варијанта на вирус кој се шири многукратно побрзо, со што мора да бидат подготвени за секоја ситуација.
И во Албанија продолжува трендот на раст на нови случаи на КОВИД-19. Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани 1 215 случаи на вирусот, или 46,3 отсто од тестираните се позитивни.
Во Австрија драстично се зголемува бројот на новозаразени со коронавирусот и во последните 24 часа се регистрирани 15.149 нови случаи, што е бројка што претходно беше забележана на почетокот на април. Во последните 24 часа починаа девет лица заразени со корона.
Светската здравствена организација апелира дека Ковид-19 сè уште е глобална вонредна состојба, речиси две до две ипол години откако првпат беше прогласена.
Бројот на случаи пријавени во СЗО се зголеми за 30 отсто во последните две недели, иако зголемениот имунитет на населението, главно благодарение на вакцините, значително ги намали хоспитализирањата и смртните случаи“, се вели во соопштението на одборот на СЗО.
Генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом порача дека Ковид-19 е далеку од завршен. Додека вирусот не притиска, ние мора да го потиснеме, додаде тој.
Во тек е и вакцинацијата за четврта доза против коронавирусот. Чевртата доза можат да ја примат сите граѓани над 18-годишна возраст кои примиле три дози вакцина против КОВИД-19, на сите вакцинални пунктови без закажување. Вакцинацијата со четврта доза, како што соопшти Министерството за здравство, е предвидено да се спроведува со мРНА вакцина на „Фајзер“ или „Модерна“. Препорачаното растојание меѓу трета и четврта, односно бустер доза е најмалку четири месеци.
Вакцинацијата со четврта доза посебно се препорачува кај хронично болни, пациенти на дијализа, трансплантирани, онколошки пациенти, имунокомпромитирани и пациенти кои примаат имуносупресивна и имуномодулаторна терапија за која било индикација и кај лица над 60 години. Вакцинацијата е најдобра превентивна мерка за заштита од потешка форма на вирусот Ковид-19. Државата располага со доволни количини вакцини, кои се безбедни и ефикасни и ги повикуваме граѓаните да се имунизираат во вакциналните пунктови со вакцина против Ковид-19, со цел да стекнат дополнителен имунитет, велат од Министерството за здравство.