Анализа направена од страна на Младинскиот сојуз во која учествуваа над 440 млади луѓе од целата земја покажува дека четири од десет млади би ја напуштиле државата поради степенот на корупција, додека секоја трета млада личност смета дека токму корупцијата е главна мотивација да се приклучи и да придонесе во борбата против коруптивните дејства. Само четири проценти од младите сметаат дека ваквата состојба ги тера да станат дел од синџирот на корупцијата.
Речиси две третини изјавиле дека досега директно не учествувале во коруптивни активности.
На прашање како ја идентификуваат корупцијата Младинскиот сојуз соопштува дека младите испитаници во најголем процент изјавиле дека тоа претставува „пари во индекс за професорот/ката“ (57 проценти), една третина дека тоа се партиските вработувања, а најмал процент дека тоа се „кафе и бонбониера за докторот“ (7 посто), односно „подарок во вредност до 1.000 денари“ (3 отсто).
Според анализата, на младите, најмногу им пречи корупцијата во сферите на правосудството (58 проценти), здравството (27 посто) и државната администрација (18 отсто), додека најмалку тоа го идентификуваат како проблем кај полицијата (7 проценти). Речиси идентичен број од нив рекле дека се запознаени со каналите преку кои можат да се изборат против корупцијата со оние кои изјавиле дека немаат такви информации.
За младите луѓе најважно е лидерите да бидат решителни и праведни (над 50 проценти), понатаму транспарентни (над 15 отсто), а најмалку посакуваат да бидат авторитативни (6 проценти).
Според оваа анализа корупцијата претставува еден од најголемите проблеми кој го нотираат младите луѓе, а како дел од решението е целосната посветеност кон градење на транспарентно општество.
Анализата е спроведена од страна на Младинскиот сојуз во периодот од април до јуни годинава, со поддршка на Националниот демократски институт (НДИ) и НЕД.