Промовирани огласи »

Неопходно е да се преземат навремени мерки во пресрет на зимата за да се ублажат последиците од енергетската криза врз граѓаните и компаниите, апелира извршниот директор и претседател на Управниот одбор на „Брако“, Кочо Анѓушев во разговор за телевизија Телма.

Според Анѓушев,кој е и претседател на Македонската енергетска асоцијација, што поскоро треба да се преземат чекори кон зголемување на домашното производство и да се обезбеди сигурен проток на електрична енергија од увоз во текот на најкритичните месеци од зимата.

Едниот сегмент е во насока на зголемување на домашното производство и во таа насока предлагаме донесување на еден поголем сет на мерки. Вториот сегмент е во делот на меѓународната политика бидејќи енергетиката не разбира граници и она што е потенцијална опасност е ако државите почнат да се бранат себеси од затворање на крос-бордер капацитетите во текот на зимските месеци во дадени кризни периоди, како што се случи на пример во 2012 година. И во таков случај, не станува збор за цена туку станува збор дека нема да можете да ја донесете енергијата и ќе биде неопходно да се потпрете на домашното производството, кое за жал не ги задоволува потребите во Македонија особено не во зимските месеци. Мислам дека нашата држава треба уште сега да поразговара со сите наши соседи за да не дојде до такво сценарио бидејќи ние сме увозно зависна држава, вели Анѓушев.

Тој истакнува дека неопходно е да се размислува и како индустриските капацитети полесно и поедноставно да обезбедат енергетска независност преку поставување на извори на енергија, на пример фотоволтаици или други алтернативни решенија, преку кои ќе ги задоволат сопствените потреби за електрична енергија.

За да се намали зависноста од увоз на електрична енергија, според Анѓушев, потребно е навремен увоз на јаглен за термоелектраните, но треба и да се најде модалитет како гасната електрана ТЕ-ТО, која што во текот на зимските месеци го обезбедува Скопје со топлинска енергија, да обезбедува и електрична енергија за што исто така има капацитет.

Нејзиниот капацитет е двоен, тоа е еден сериозен инсталиран капацитет над 200 МВ, а исто така обезбедува топлина во текот на зимскиот период. Неопходно е и тој капацитет, кој што е во приватна сопственост, да се обезбеди да работи секако. Во оваа ситуација треба да се седне и да се разговара со тие луѓе да се обезбеди како тие да работат. Всушност најзагрозени и најоштетени, единствени кои што се борат на слободниот пазар се големите компании оние кои што имаат над 50 вработени и над 2 милиони евра приход тие денеска плаќаат цена на електрична енергија на берза која што достигнува и до 500 евра. Проблемот секако е финансиски бидејќи треба да се плати за да се донесе електричната енергија до земјава, но доколку се затворат границите тогаш ќе биде невозможно ниту да се донесе енергија во земјава, истакнува Анѓушев во изјавата апелирајќи дека потребно е и навремена набавка на мазут за дел од енергетските капацитети.

Прашан дали се можни рестрикции во текот на зимата, Анѓушев нагласува дека треба однапред да се подготвиме и за најлошите сценарија и да не се дозволи било какви изненадувања кои би можеле да имаат негативен импакт врз домаќинствата и компаниите.

Промовирани огласи »

Од денеска треба да бидат ставени во функција наплатните рампи Преод и Кадрифаково на автопатот Миладиновци- Штип.

На наплатните рамки, како што најави Јавното претпријатие за државни патишта, целосно ќе функционира електронскиот систем за наплата на патарина.

Оттаму во четвртокот информираа дека првите две ленти од десно ќе бидат за возилата кои користат М-таг електронски уред со кој се поминува со намалување и успорување на брзината на движење на возилото и без запирање, додека на останатите ленти покрај наплата во готово, може да се употреби и М-смарт картичката.

Наплатните станици Преод и Кадрифаково имаат по седум наплатни кабини.

Ценовник по категории на возила: – ПРЕОД – 1А Категорија – 40 денари, 1Б Категорија – 70 денари, 2-ра Категорија – 100 денари, 3-та Категорија – 180 денари и 4-та Категорија – 270 денари.

КАДРИФАКОВО – 1А Категорија – 30 денари, 1Б Категорија – 50 денари, 2-ра Категорија – 80 денари, 3-та Категорија – 150 денари и 4-та Категорија – 220 денари.

Изградбата на двете патарини чинеше близу 5 милиони евра.

Промовирани огласи »

Бензините од ноќеска на полноќ ќе поевтинат за 1,5 денари за литар, а цената на дизелот и понатаму ќе остане иста, најави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски.

Тој посочи дека намалувањето на цените ќе беше поголемо доколку не се зголемеше курсот на доларот во однос на денарот.

Од РКЕ потврдуваат дека предлог цените кои треба да се донесат на седница предвидуваат намалување на цената на бензините и најавуваат дека новите цени ќе бидат објавени денеска околу 12:30 часот на веб-страницата на Регулаторната комисија.

Со последната одлука што ја донесе РКЕ во петокот на 15 јули цената на ЕУРОСУПЕР БС – 95 изнесува 102,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 се продава за 104,5, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V)  за 100, а Екстра лесното масло за горење 1 (ЕЛ-1) за 98 денари за литар, додека цената на  Мазутот М-1 НС  изнесува 50,903 денари за килограм.  

Промовирани огласи »

Од ЈСП-Скопје информираат дека дневниот билет почна да се продава и во возилата на ЈСП Скопје.

Тој чини 120 ден и важи за повеќекратно користење на сите линии во текот на еден ден, односно може да се користи за неограничен број преседнувања на сите линии, во период од 05 до 24 часот. Досега, дневниот билет беше достапен единствено во билетарниците и центрите за персонализација на ЈСП Скопје.

Освен овој тип на билет, како олеснителна околност за сите оние корисници на јавниот превоз кои не поседуваат електронска картичка „Скопска“, постои опција за валидирање билет со мобилната апликација „Скопска“, која од неодамна е целосно функционална. Апликацијата претставува замена за неперсонализираната електронска картичка „Скопска“, практично таа е виртуелна автобуска карта. Апликацијата е достапна за корисници на „смарт“ мобилни телефони со Android или IOS оперативен систем.

Во случај на појавен проблем од било каква природа, корисниците можат да се обратат на [email protected].

И натаму, корисниците на јавниот превоз билет можат да купат/валидираат со електронска картичка „Скопска“.

Персонализираните картички се продаваат во центрите за персонализација на ЈСП Скопје и чинат 200 ден, а неперсонализираните во центрите за персонализација, во билетарнците на ЈСП, како и во возилата на ЈСП Скопје.

Неперсонализираната „Скопска“ чини 150 ден и на неа има две гратис возења.

Можност за купување/валидирање билет се нуди и со опцијата Mobipay (мобилно плаќање).

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »