Првите постпандемиски пописи на населенијата во земјите од регионот покажаа загрижувачки бројки.
Исчезнување на населението
Доколку се спореди пописот од 1991-ва година со последните достапни бројки за земјите од регионот, видливо е дека бројот на населението значително се променил.
Гледајќи збирно, само во Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина денеска живеат 2,3 милиони луѓе помалку отколку во 1991-ва година.
Србија на последниот попис на населението направен во 2011-та година броела 7.186.862 жители. Со пописот не е опфатена територијата на Косово, а делумно е нецелосен резултатот и поради бојкотот на пописот во Прешево, Бујановац и Медвеџе.
Ако тоа се спореди со бројката од 1991-ва година (7,8 милиони), јасно е дека Србија за 20 години изгубила 650.000 жители. Се очекува дека пописот во октомври 2022-та година ќе покаже дека таа бројка е поголема, а многу аналитичари сметаат дека се големи шансите Србија да падне под седум милиони жители.
Хрватска денес има 3.888.528 жители, што е речиси 900.000 помалку отколку во 1991-ва година.
Според првиот повоен попис во 2013-та година, Босна и Херцеговина има 3,5 милиони жители. Тоа значи дека во период од 22 години, бројот на жители се намалил за 834.000.
Македонија во 2022-ра година, по 19 години спроведе попис на населението. Тој откри дека во тој период државата изгубила речиси 190.000 луѓе. Бројот на жители не се менувал значајно до 1991-ва до 2002-ра година (11.000 помалку).
Пописот во Словенија открил дека бројот на жители во 2011-та година бил поголем отколку во 1991-ва година, за речиси 100.000 жители.
Во Црна Гора во 2011-та година живееле 5.000 повеќе луѓе отколку во 1991-ва.
Хрватска во една деценија "изгубила" речиси 400.000 жители, додека Македонија за две децении изгубила 185.000 жители, пишува "Al Jazeera Balkans".
Со увид во статистичките записи, јасно е дека на просторите на поранешна Југославија денес живеат речиси 2,7 милиони луѓе помалку отколку во 1991-ва година.
Со оглед на тоа дека за повеќето држави од регионот резултатите од новите пописи ќе дојдат оваа и следната година, таа бројка веројатно надминува три милиони.
Пописот од 1991-ва година, спроведен во време кога почнувале војни на просторите на поранешната држава, бил повторен во некои поранешни републики кои стекнале независност за да се утврди официјалниот резултат.
Според пописот од 1991-ва година, убедливо најбројна југословенска република била Србија со речиси 9,8 милиони жители. Во Србија без Косово и Војводина живееле 5.808.906 жители, во Војводина 2.031.992, додека таа бројка за Косово всушност е проценка на Статистичкиот завод, бидејќи повеќето Албанци од Косово го бојкотирале пописот. Според таа евиденција, во Србија без територијата на Косово живееле 7,8 милиони жители.
Хрватска во 1991-ва година имала речиси 4,8 милиони жители, а Босна и Херцеговина 4.365.369.
Македонија тогаш броела нешто повеќе од два милиони жители, а Словенија речиси два милиони.
Поранешна република со најмал број на жители била Црна Гора - со 615.000 жители.
Војни, природен раст и заминување на Запад
Страшниот период на војни на просторите на поранешна Југославија е еден од клучните фактори кој влијаел на намалувањето на бројот на жители во 90-тите како и на големиот број интерно раселени.
Меѓународниот центар за транзициска правда проценува дека во војните во поранешна Југославија загинале вкупно 140.000 луѓе, а дека четири милиони станале бегалци.
Најголема штета претрпела Босна и Херцеговина. Се проценува дека во оваа држава во војната животот го загубиле 100.000 луѓе. Најголеми загуби претрпеле Бошњаците и се смета дека биле убиени околу 64.000 луѓе, што е три проценти од нивната вкупна популација во однос на пописот од цела Југославија во 1991-ва година.
Се проценува дека војната на подрачјето на Хрватска однела 20.000 животи, а на подрачјето на Косово 13.500.
Сепак, воените дејствија не можат да го објаснат исчезнувањето на населението кое се забележува на последните пописи.
Сепак, можеби клучна и најболна причина за големиот пад на населението е огромниот број на луѓе кои заминуваат од Западен Балкан.
Младите и се почесто цели семејства, често не само поради финансиски причини, заминуваат во земјите од западна Европа, со карта во една насока во џеб, додека земјите од Балканот се повеќе стануваат земји на стари луѓе.