Еднократна парична помош за новородено дете се обезбедува на семејството за прво новороденче. Новороденото дете се смета дете кое е прво дете по ред на раѓање на мајката. За прво новородено дете ќе се сметаат и децата кога мајката при првото раѓање ќе роди повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе). Исто така за прво новородено дете ќе се смета и првото посвоено дете, како и кога ќе се посвојат повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе) при првото посвојување, на возраст на детето/цата до една година доколку мајката нема прво новородено дете.
Висината на еднократната парична помош за новороденче изнесува 4.829 денари при што износот се усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година објавени од Државниот завод за статистика во јануари за тековната година.
Еве која документација е потребна:
1. Важечка лична карта од мајката – се доставува на увид за докажување на идентитетот, државјанството и постојаното место на живеење на мајката, а доколку подносител на барањето е таткото/старателот се доставува важечка лична карта од мајката на детето на увид за докажување на постојаното место на живеење на мајката, а препис на извод од матична книга на умрените доколку мајката е почината и важечка лична карта на таткото/старателот на увид за докажување на идентитетот и државјанството;
2. Мајчина книшка на увид за мајката со копија на страници 3, 5 и 7 или потврда од избран лекар- специјалист по гинекологија и акушерство за редот на раѓање на детето, а за посвоено дете потврда дека мајката нема прво новородено дете;
3. Копија за трансакциска сметка;
4. Препис на извод од матична книга на родени за детето;
5. Важечка лична карта од таткото – таа се доставува само на увид за докажување на идентитетот, државјанството и постојаното место на живеење (во случај кога мајката не е државјанин на Република Македонија, а склучила брак со државјанин на Република Македонија).
Подносителот на барањето ги приложува доказите утврдени точки 1 и 2 (потврда издадена од избран лекар- специјалист по гинекологија и акушерство) и 4 (ако подносител на барањето е таткото/старателот).