Автопатот што ќе се гради од Скопје до близина на граничниот премин Блаце ќе чини 186,7 милиони евра за изградба на делница од 10 километри. Ова е наведено во јавниот повик (тендерот) објавен од јавното претпријатие „Државни патишта“ на својата интернет страница.
Европската банка за обнова и развој обезбедува заем од 167,6 милиони евра под гаранции од државата, додека проектот ќе биде кофинансиран со 20,8 милиони евра инвестициски грант обезбеден од Европската Унија (ЕУ) преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
ЈПДП додава дека последните два километри до косовската граница веќе се финансирани од јавното претпријатие и таму градежните активности, како што велат од „Државни патишта“, се во тек.
Проектот ќе ја финансира изградбата на нова под-делница долга 10 километри на автопатот TEN-T Рута 6 што оди од Скопје (обиколница Стенковец) до клучка Блаце, блиску до границата со Република Косово, се вели во повикот.
Во законот за гаранција, кој веќе е изгласан во Собранието, е утврдена истата сума, а дополнително се наведува дека долгот ќе се отплаќа 16 години. За двата коловоза на автопатот предвидени се вкупно 11 единечни тунели со вкупна должина од околу 4,8 километри, а предвидени се 9 мостови по коловоз во правец, во должина од 1,35 километри.
Проценет датум на почеток на проектот е 17 ноември годинава. Првата рата од заемот треба да се исплати во 2026. Автопатот би се градел 48 месеци.
Изградбата на првиот дел од автопатот Скопје-Блаце доцни речиси една година. Во јануари 2020 година, властите потпишаа договор со градежно претпријатие Гранит за започнување на првиот дел од работите, поточно за изградба на два, од вкупно 12 километри, но рокот не се почитува.