Во Министерството за економија се прават анализи кои што треба да покажат дали Македонија ќе остане на летното сметање на времето, и по 30 октомври, кога во Европа стрелките на часовниците ќе се поместат еден час наназад. Причината е евентуална заштеда на енергија, бидејќи доколку се продолжи со летното сметање на времето, практично подоцна ќе се стемнува.
Постојат различни европски искуства, некои го воведуваат тоа, некои не, вели премиерот Димитар Ковачевски.
Тој додава дека се анализира близината на нашата држава до друга временска зона, а тоа се Грција и на Бугарија и што тоа значи во однос на оставањето на нашето сметање на времето визави на другите земји кои што имаат исто сметање на времето како нас, но се многу по на запад и денот кај нив трае многу повеќе.
Тие анализи веќе ги прават во Министерството за економија и пред крајот на месецот кога одлуката ќе мора да се донесе, ќе видиме дали ќе продолжиме со истото летно сметање на времето или како до сега, традиционално ќе ја направиме промената, изјави Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања за време на презентација на новата инвестиција на ГЕН-И во фотонапонска централа.
Во моментов не можам да кажам, би сакал да ги видам анализите. Вчера со мојот кабинет поминавме низ многу од таквите анализи и во моментов има повеќе за оставање на летното сметање на времето, но да ги видиме сите детални анализи и ќе донесеме одлука, рече Ковачевски.
Министерот за економија Крешник Бектеши, вњели дека до крајот на неделата би требало да бидат готови анализите што ги прави Министерството за можноста да остане летното сметање на времето со цел поголеми заштеди на електричната енергија.
Анализите се прават и најверојатно до крајот на неделата ќе бидат подготвени по што одлуката треба да се донесе до крајот на месецот согласно законот, изјави Бектеши одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција на која беше најавен почетокот со работа на соларната електрана со капацитет од 17 мегавати лоцирана во светиниколско Амзабегово.
Македонија и остатокот од Европа, со исклучок на Русија, Белорусија и Исланд, последниот викенд во октомври преминуваат на зимско сметање на времето. Во три часот по полноќ, часовниците се враќаат еден час наназад, односно времето во три се смета како два часот.
Зимското сметање на времето почнува секој последен викенд во октомври и трае до последниот викенд во март следната година, кога повторно настапува летното сметање на времето.