„Форбс“ објави дека договорот на Канје Вест со „Адидас“ изнесувал 1,5 милијарди долари од неговата нето вредност, па без германскиот спортски бренд неговото богатство паѓа на 400 милиони долари.
Контроверзниот рапер Канје Вест го загуби статусот милијардер откако „Адидас“ ја прекина соработката со него поради антисемитски изјави.
Претходно оваа година беше објавено дека Вест има нето богатство од неверојатни 2 милијарди долари, во голема мера благодарение на повеќегодишниот договор со „Адидас“ за неговиот бренд на патики „Yeezy“. Неговото богатство се состои и од брендови, недвижен имот, вредноста на неговата музика и 5 отсто од акциите во компанијата на Ким Кардашијан, „Скимс“, но богатството на раперот штотуку стана многу помало.
„Форбс“ објави дека договорот на Канје Вест со „Адидас“ изнесувал 1,5 милијарди долари од неговата нето вредност, па без германскиот спортски бренд неговото богатство паѓа на 400 милиони долари. „Адидас“ не е единствената компанија што ги прекина врските со Вест по неговите коментари, од него се откажаа и „Гап“, ЦАА и „Баленсијага“, а магазинот „Вог“ исто така „нема намера“ повторно да соработува со раперот во иднина.
Потсетуваме, поради антисемитски ставови, за кои тој упорно одбиваше да се извинува, договорот со Вест го раскина и модната куќа „Баленсијага“ во петокот.
Имено, раперот на Инстаграм инсинуираше дека раперот Диди е контролиран од Евреи. Објавата на Вест се состоеше од снимки од неговиот разговор со Диди за контроверзните маици „Белите животи се важни“ (White Lives Matter) што ги претстави на модна ревија во Париз.
Покрај тоа, тој напиша на Твитер дека наскоро ќе влезе во „defcon3 против Евреите“, мислејќи на скалата за состојба на подготвеност на американската војска позната како DEFCON. Објавата набрзо беше отстранета, а профилот на Вест на социјалните мрежи беше привремено блокиран.