Сојузот на синдикати на Македонија континиурано ја следи економската состојба во државата, а посебно од аспект на обезбедување на основни егзистенцијални права за достоинствен животен стандарт на работниците и граѓаните.
Како најголем и репрезентативен синдикат загрижени сме, и сметаме дека работниците и граѓаните ќе бидат доведени до тешка економска социјална положба, со зголемувањето на инфлацијата во државата. Растот на инфлацијата која од месец за месец е се поголема за месец октомври рекордно достигна до 19,8% што влијае врз намалувањето на куповната моќ на работниците и доведува до осиромашување на целокупното население - изразуваат загриженост од Сојузот на синдикати на Македонија.
Од таму велат дека ја изработиле новата минималната синдикална кошница за месец октомври која достигна до 51 514,00 ден. и истата е зголемена за 1 290,00 ден. од претходниот месец септември кога изнесуваше 50 224,00 ден, а од почетокот на годината јануари 2022 год. порасна за 15 703,00 ден, соопштија од ССМ.
Во споредба со истиот месец октомври претходната година зголемена е за 16.940,00 ден.
Од месец во месец, драстично се зголемуваат трошоците за живот на едно четиричлено семејно домакинство, а платите не го следат истиот раст. Истото го покажува и самата пресметка на синдикалната минимална кошница што ССМ ја пресметува секој месец. Овој процент на инфлацијата за месец септември е нов аларм за синдикатите, затоа што платите не се зголемуваат, но цените и натаму растат и покрај маржите. Затоа ССМ со право бара зголемување на платите на сите вработени како во јавниот така и во приватниот сектор - реагираат од ССМ.