Рестрикции на струја нема да има, нѐ уверуваа со месеци од Владата, но можно е да нема струја поради дефекти, признаа денеска од Илинденска.
Имено, како што посочија од Владата, поради дополнителната оптовареност што се очекува на енергетските производни капацитети, зависно од временските услови и од зголемената потрошувачка на струја, во наредниот период се можни неочекувани испади (во електричната мрежа). Состојбата, велат, се следи, а за преземените мерки граѓаните навреме ќе бидат информирани.
Мораме да имаме во предвид дека државата во моментот располага со енергетски капацитети кои се стари повеќе од половина век. Во периодот што следува заради временските услови и заради зголемената потрошувачка на електрична енергија овие производните објекти дополнително ќе бидат оптоварени и можни се неочекувани испади. Состојбата секојдневно се следи и ќе се следи, а за преземените мерки граѓаните навреме ќе бидат информирани, изјави денеска на прес-конференција Виктор Андонов – советник за енергетика во Кабинетот на премиерот.
Како што соопшти, вчерашниот биланс покажува дека вкупното производство на електрична енергија од ЕСМ изнесува 10.756 мегават часа на електрична енергија, од кои 7.800 се произведени во термоелектраните, додека останатите 2.956 од обновливи извори на енергија, односно од хидроелектраните и од ветерниот парк.
Како што беше најавено, 2.400 мегават часови се обезбедени од набавката на електрична енергија, додаде Андонов.
Тој повторно апелираше да се штеди струја.
Граѓаните, компаниите и институции да посветат уште поголемо внимание на штедење на електрична енергија. Да не се опуштаме во периодот што ни претстои. Мораме да бидеме внимателни, одговорни и рационални, порача тој.
На прес-конференцијата, Андонов ги повика субјектите од прехранбениот сектор, комуналните дејности и образовните институции да се пријават за субвенционирана електрична енергија која ќе ја добиваат од ЕСМ продажба.
Со одлука на Владата, прехранбениот сектор, односно производството на основни продукти, млеко, месо, леб, масла и друго, ќе добиваат електрична енергија по цена од 80 евра за мегават час, со цел намалување на основните продукти за живот.
Намалувањето на цените на некои од овие продукти веќе може да се забележи, а истото е пренесено и од дел од медиумите. Ова е дел од ветувањето на Владата дека храна оваа зима ќе има за сите. Навремено се преземаат сите мерки за стабилизација и намалување на цените и даваат резултат, рече Андонов, потсетувајќи дека комуналните претпријатија кои вршат дејност снабдување со вода, како и основните и средните училишта ќе добиваат електрична енергија по цена од 95 евра за мегават час.
Извор: МИА