Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика синоќа на вечера директорите на група европски компании за да ги разубеди од селење во Соединетите Американски Држави, кои ги мамат со пониски цени на енергијата и даночни поттикнувања. Европските политички лидери ги вознемирија мерките кои ги усвои кабинетот на американскиот претседател Џо Бајден нудејќи, меѓу другото, даночни олеснувања за производите од домашните фабрики.
Индустријата во Европската Унија ги предупреди САД дека со тие мерки станува поконкурентно одредиште за инвестиции од Европа. Европа мора поагресивно да ја штити својата индустрија или таа ќе се отсели, порача за време на викендот Ерик Трапие, извршниот директор на Десо авијасион и шеф на Француската федерација на металската индустрија.
Имаме тешкотии со компаниите кои почнуваат да размислуваат за селидба на производството во странство и за идни инвестиции надвор од Европа, кажа за Ројтерс неименуван француски функционер, наведувајќи ги како причина високите трошоци за енергија и американските закони.
На вечерата во Елисејската палата францускиот претседател ќе се обиде да ги убеди лидерите на компаниите, вклучувајќи ги хемиските групи Солвеј и Ер ликвид, автокомпаниите Волво и БМВ, фармацевтскиот џин Астразенека и телекомуникациските групи Ериксон и Оранж, да останат во Европа.
Макрон сака тие да вложуваат во Франција. Не се знае со што францускиот претседател може да ги убеди компаниите да се откажат од селење во САД, но Франција минатиот викенд претстави бројни мерки со кои на домашните компании ќе им го ублажи товарот на високите сметки за струја.
Европските компании се сè погласни во критиката на остриот раст на цените на енергијата поради европските санкции против Русија.
Макрон ја повика Европската Унија да го следи примерот на САД и да ги повика државните тела да купуваат европски производи за да се поддржи европското производство, но наиде на отпор на противниците на протекционизмот меѓу членките на ЕУ, истакнува Ројтерс.