Електричните автомобили се важен дел од енергетската транзиција. Тие стануваат сè попопуларни, а меѓународната трговија со хибридни (plug-in and non-plug-in)) и целосно електрични автомобили е во пораст.
Во 2021 година, ЕУ потроши 11,8 милијарди евра за увоз на хибридни автомобили без приклучок (41 отсто од вкупниот увоз на хибридни и електрични автомобили вон ЕУ), 11,4 милијарди евра за целосни електрични автомобили (39 проценти) и 5,9 милијарди евра на plug-in хибридни автомобили (20 отсто).
Ова го посочуваат аналитичарите на европскиот статистички центар, Евростат.
За сите три категории автомобили, вредноста за увоз е помала од соодветната вредност за извозот од ЕУ. Извозот на хибридни автомобили без приклучок беше проценет на 22,9 милијарди евра, што е повеќе од половина од вкупниот извоз на хибридни и електрични автомобили вон ЕУ (55 проценти), целосно електрични автомобили на 12,3 милијарди евра (29 отсто) и plug-in хибридни автомобили со 6,8 милијарди евра (16 проценти).
Вкупната вредност на извозот е зголемена за 800 отсто во споредба со 2017 година.
Во однос на вредноста, вкупниот извоз на хибридни и електрични автомобили вон ЕУ во 2021 година изнесуваше 42 милијарди евра, што е речиси 800 проценти зголемување во споредба со 2017 година (4,7 милијарди евра). Вкупната вредност на увозот се зголеми за повеќе од 400 отсто од 5,6 милијарди евра во 2017 година на 29 милијарди евра во 2021 година - се истакнува во извештајот на „Евростат“.
Од статистичкиот центар додаваат дека и вредноста на увозот на хибридни возила без приклучок во ЕУ се зголеми за 165 отсто во 2021 година во споредба со 2017 година (11,8 милијарди евра во 2021 година во споредба со 4,5 милијарди евра во 2017 година). Во истиот период, вредноста на увозот на хибридни автомобили се зголеми за речиси 800 проценти (5,9 милијарди евра во споредба со 0,67 милијарди евра), а на електрични возила скокна за 2400% (11,4 милијарди евра во споредба со 0,46 милијарди евра).
Во однос на извозот, најголем пораст има кај хибридните автомобили без приклучок; во 2021 година, извозот се зголеми за повеќе од 5000 проценти во споредба со 2017 година (22,9 милијарди евра во 2021 година во споредба со 0,4 милијарди евра во 2017 година). Извозот на целосни електрични автомобили се зголеми за 660 отсто (12,3 милијарди евра во споредба со 1,6 милијарди евра), додека извозот на plug-in хибридни возила се зголеми за 150 проценти (6,8 милијарди евра во споредба со 2,7 милијарди евра).