Во Армијата на Република Северна Македонија денеска се приклучија 200 нови професионални војници на кои решенијата за работа им ги додели министерката за одбрана Славјанка Петровска на свечена церемонија во касарната „Илинден“ во Скопје.
Министерката упати честитки и изрази задоволство што младите војници одлучиле да и служат на татковината.
Бидете горди затоа што станувате дел од институција која е најпочитувана, најценета институција која својот углед го има изградено затоа што секогаш и секаде била прва во помошта на нашите граѓани, силна опремена модернизирана армија способна да одговори на сите предизвици, тоа е армијата на РСМ. Денес е институција која ужива најголема доверба кај граѓаните и тоа е огромна чест а и обврска за сите да нас. За да успеете во таа цел не сте сами, Министерството за одбрана и Генералштабот се со вас. Нашата задача е да бидете добро опремени да работите во одлични услови, да имате ново и модерно вооружување, да имате плати кои одговараат на вашиот труд, енергија и знаење, порача Петровска.
Новопримените војници, нагласи таа, сега се дел од НАТО семејството.
Денеска вие станувате дел од нешто што е поголемо од сите нас, денеска вие сте дел од НАТО Алијансата која е безбедносен чадор за повеќе од една милијарда луѓе во светот. Вие сте сега НАТО војници, ќе имате прилика да учествувате во НАТО обуките, да бидете дел од различни НАТО мисии и да ја покажете истата вештина и истото знање како и вашите колеги, изјави министерката.
Информира дека Буџетот за одбраната за 2023 година изнесува 274 милиони евра.
Тоа се средства кои по различни основи се наменети за континуирано покачување на платите, надомест за станарина од првиот месец на стапување на должност, набавка на нова софистицирана опрема, надоместоци за зголемено учество на мисии, поддршка за вежби, појасни министерката.
Викторија Јовановска, која е една од новопримените војниците истакна дека и е чест и задоволство да ја носи униформата и да им служи на граѓаните.
Чест и задоволство е да се носи оваа униформа, голема мотивација ми беше во 2019 да служам добролволно воен рок. Ги мотивирам сите млади да дојат да служат и да се вработат поради тоа што оваа униформа е чест и заедно сме за сите граѓани понатака. Огромна чест е и не секој може да ја носи оваа униформа. Тука сме да служиме на граѓаните и на државата, изјави Јовановска.
Јавниот оглас за прием на новите професионални војници на служба во Армијата беше објавен во септември годинава. Согласно новите законски измени за служба во Армијата, идните професионални војници од моментот на склучување договор ќе земаат почетна плата над 25.000 денари со дополнителни над 9.000 денари – средства за станбено обезбедување од 1 јануари 2023 година.