За првпат, еден претприемач од Западен Балкан се најде на реномираната листа на најбогати луѓе во светот што ја објавува магазинот Forbes.
Самир Мане, основач и претседател на BALFIN Group, се рангира на 2.356-тото место во светот, со проценета нето вредност од 1.4 милијарди американски долари. Ова претставува највисока проценка на имотна состојба досега доделена на еден претприемач од регионот од страна на престижната економска публикација која ја објавува листата од 1987 година.
„Во друг дел од Европа, Албанија оваа година го добива својот прв милијардер – Самир Мане, кој изгради богатство од 1,4 милијарди долари преку инвестиции во трговски центри, продавници за електроника и луксузни недвижности низ Балканот,“ наведува Forbes.
Мане го започнал својот претприемачки пат во 1993 година, основајќи ја BALFIN Group, која подоцна ќе прерасне во една од најголемите и најдинамични инвестициони групации во регионот. Денес, групацијата има активности не само на Балканот, туку и на меѓународно ниво, со значајни инвестиции во Австрија, САД и Канада.

Компаниите на BALFIN Group во Македонија
Во Македонија, BALFIN Group има силно и диверзифицирано присуство преку неколку значајни компании и инвестиции:
- Нептун – водечки синџир за продажба на електроника и бела техника.
- East Gate Mall – најмодерен трговски и lifestyle центар во Скопје, симбол на урбана трансформација.
- Skopje East Gate (SEG) – голем проект со мешана намена кој вклучува станбени, деловни и трговски содржини.
Овие инвестиции не само што создаваат работни места и ги внесуваат глобалните стандарди, туку и значително придонесуваат кон модернизацијата и развојот на македонскиот пазар.
Според Forbes, денес постојат над 3.000 милијардери во светот со заедничко богатство од 16.1 трилиони долари – највисока вкупна вредност досега. Само три земји сочинуваат повеќе од половина од вкупниот број: САД (813), Кина (450) и Индија (205). Во Европа, Германија е на врвот со 171 милијардер.
Вклучувањето на Самир Мане во листата на Forbes не претставува само личен успех, туку и симбол на растечката економска сила и потенцијал на регионот. Неговата приказна е доказ дека со визија, посветеност и доверба во Балканот – може да се создаде глобален успех.
Тагови: Forbes Нептун Македонија