„Тесла“ ги стопираше плановите за производство на батерии во германската сојузна покраина Бранденбург и планира да префрли дел од производствениот процес во САД, поради поповолни даночни олеснувања, објави Министерството за економија на Бранденбург.
Американскиот производител на електрични автомобили првично планираше целиот производствен процес да го лоцира во општина Грунехајде, со максимален капацитет од над 50 гигават часови годишно.
Откако САД им понудија даночни олеснувања на производителите на електрични возила за набавка на батерии од домашно производство, компанијата го промени својот план.
„Тесла започна со производство на батериски системи во Груенхајд и се подготвува да произведува компоненти за батериски ќелии.
Во следните производни чекори, приоритет дадоа на САД, бидејќи работењето таму е поповолно поради даночните олеснувања“, објаснија од бранденбургшкото министерство.
На крајот на јануари „Тесла“ објави дека ќе инвестира повеќе од 3,6 милијарди долари во проширување на гигафабрички комплекс во Невада, кој требаше да добие две нови фабрики, за масовно производство на долго одложуваниот полуелектричен камион и новата батериска ќелија 4680.