Реализирана исплата на мартовската плата со покачувањето во висина од 3.086 денари по работник во бруто износ. Успеавме во нашата заложба за вработените во МВР да обезбедиме зголемување на платите со цел усогласување со растот на минималната плата, а наспроти сите шпекулации во дневнополитички цели со кои се обидоа да ја деградираат и демотивираат македонската полиција, но и да ја потценат доследноста во исполнувањето на ветеното од страна на нејзиното раководство, напиша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на Фејсбук.
Тој наведува дека ова е четврто по ред зголемување на платите на вработените на МВР, имајќи го предвид минатогодишното зголемување од 5 проценти за сите вработени, а претходно преку Буџетот на МВР во 2018 и 2019 година издејствувано е зголемувања на платите за сите вработени.
Покрај ова, потсетува Спасовски, со зголемување на платите од 30 отсто беа опфатени 100 лица од Одделот за информатика и телекомуникации и тоа сметано од 01.01.2020 година, со цел мотивација на овие дефицитарни кадри да придонесат во функционирањето на МВР на позициите за кои се ангажирани.
Воедно, овозможивме издвојување на работните позиции помлад полицаец, полицаец и виш полицаец од останатите вработени. Со ова за првпат е извршено зголемување на бодови за полициски службеници за 10 и 20 бодови за работната позиција „полицаец", од категориите Е5, Е4, Е3 и Ж5, Ж4 и Ж3, за што во Буџетот на Министерството за внатрешни работи за 2019 година побарани се и одобрени парични средства за исплата на зголемување на плата во износ од 80.000.000 денари на годишно ниво за 4.821 униформиран вработен. Посебно значајно за ова раководство на МВР е што вакво зголемување за основната компонента полицаец се остварува за првпат од 1991 година па наваму, наведува Спасовски во објавата на Фејсбук.
Исто така, благодарение на домаќинското работење и остварените заштеди во Буџетот, пишува министерот, досега доброволно се исплатени бонус плати за оствaрени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2017, 2018, 2019, 2020, 2021 година, а во тек е обработка на податоци за вработени коишто оствариле над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво за 2022 година, која ќе изнесува 31.859 денари во поединечен износ, што претставува зголемување од речиси 40 проценти на износот на бонус платата во 2017 година која изнесуваше 22.928 денари.
Продолжуваме и во наредниот период со воспоставување европски стандарди во полицијата, развивајќи го концептот „Задоволна полиција – безбедни граѓани”, кој придонесе за одлични резултати во гарантирање на безбедноста и борбата против сите видови криминал. Подобрувањето на статусот на вработените во МВР е императив за ова раководство на МВР!, напиша на Фејсбук министерот Спасовски.