Хрватска забележа најголем пад на невработеноста во ЕУ – бројот на невработени се спушти на 189.000 или на 10,6 проценти, но тоа се алармантни податоци, бидејќи се последица на масовното иселување на младите, наведуваат хрватските експерти за труд.
Ова ниво на намалување на невработеноста во Хрватска не е забележано во текот на последните две децении, но тоа предизвикува голема загриженост.
Иако бројот на регистрирани невработени лица во Хрватскиот завод за вработување во изминатите 12 месеци се намалил за околу 52.000, факт е дека бројот на вработени граѓани во земјата не се зголемува.
Напротив, бројот на работно активните жители (расположливите работници) во текот на последната година се намалил за 76.000 или за 4,6 проценти, потенцираа аналитичарите.
Од почетокот на 2014 година до крајот на третиот квартал од 2016 година, само во Германија трајно се отселиле 128.000 хрватски државјани, покажуваат најновите податоци.
Според некои други домашни проценки, бројот на иселени од Хрватска во текот на последните четири години е поголем од 200.000, па не е чудно што на хрватската берза за работа се помалку лица се пријавени.
Од друга страна, бројот на вработени во земјата веќе со години е на истото ниво и изнесува околу 1,5 милиони, пренесуваат хрватските портали.