Бреинстер се изгради во успешна и современа EdTech организација за помалку од осум години и успеа да го преземе лидерското место по бројот на запишани студенти за 2022 година. За оваа позиција најзаслужни се вработените, лидерите и инструкторите, кои функционираат тимски и имаат заедничка цел – целосно да го обликуваат образованието на иднината. Покрај тоа, Бреинстер и понатаму расте, а токму во моментов е во потрага по нови професионалци што ќе се приклучат на нивниот тим.
Сте се запрашале ли некогаш како функционира една модерна едукативно-технолошка организација? И што всушност значи да се делува во доменот на т.н. EdTech индустријата? Како што говори и самото име, „EdTech” се однесува на учење преку користење и управување со соодветни технолошки процеси и ресурси, или едноставно кажано: напредно образование, без разлика во кој домен, потпомогнато од компјутерските вештини.
На нашиот пазар, Бреинстер се издвојува како одличен, веројатно и единствен пример за напредна EdTech организација налик светските модерни образовни институции, која уште од нејзиното основање во 2015 година континуирано расте и се развива, инвестира во нови производи и го проширува своето портфолио со цел да одговори на потребите и предизвиците на новото време.
А, времето несомнено се менува и сè повеќе се чини дека младите повеќе не сакаат класично, навидум и стереотипно образование кое ќе им обезбеди само теоретско знаење. Токму затоа, од Бреинстер велат дека постојано учат, се прилагодуваат и ги подобруваат своите програми. Новитетите во Бреинстер не носат поволности само за вработените и за студентите, туку отвораат и можности за вработување на нови професионалци кои ќе им помогнат во мисијата да го создадат образованието на иднината.
По тој повод и за тоа како во Бреинстер се создаваат кадри што фокусирано работат на подобрување на образованието, разговараме со 4 исклучителни личности од компанијата: Петар Ниновски, основач и извршен директор, Стефан Смиљаноски, извршен директор на Бреинстер Албанија, како и со Фросина Климоска и Ева Костовска од HR тимот на Бреинстер.
За тимот да дава резултати се посветуваме на развојот на секој вработен
За да создадеме успешен и продуктивен тим, нашиот фокус е на луѓето, вели Петар. Од аспект на основач и лидер, според него, најважно за еден тим да остварува добри резултати е да им се даде приоритет на вработените уште при планирањето на управувањето со човечките ресурси.
„Ова значи да се осигураме дека вработените ги имаат ресурсите што им се потребни за да успеат, дека се мотивирани и ангажирани и дека се чувствуваат ценети и почитувани. Со ставање приоритет на луѓето, лидерите можат да создадат работна средина во која вработените можат да напредуваат и компанијата да ги постигне своите цели“, вели Петар.
Оваа пракса не е насочена само кон моментална благосостојба на вработените, туку и кон отворање на можности за понатамошно професионално градење.
„Откако одреден кандидат ќе стане дел од тимот, она што како лидери го нудиме е поддршка – од првичниот процес на „onboarding“ па сè до посветено менторство коe има за цел вработениот да го донесе до следното ниво во неговата кариерна патека“, додава Стефан.
Петар и Стефан како лидери на големи тимови постојано даваат поддршка на тимот за човечки ресурси, со цел постапката на креирање отворени позиции, селекција на кадри и нивно успешно вклучување во работниот процес, да биде во линија со основните вредности на компанијата, а тоа се раст и висок квалитет, и на образовните програми и на вработените.
За изборот на кандидати за вработени што ќе ја споделуваат визијата на Бреинстер се задолжени Фросина и Ева, која секоја во својот домен на експертиза дава поддршка на секој нов член на Бреинстер тимот.
„Во Бреинстер, најдобриот кадар го бираме со голема посветеност и внимателност и даваме предност на клучните професионални особини како што се постојано подобрување, ефективна комуникација и тимска соработка. Дополнително, ги цениме личните особини како што се креативноста, приспособливоста, страста за образование, културната усогласеност и емпатијата. Со прецизно оценување на овие квалитети, ние креираме посветен и иновативен тим кој го води успехот на Бреинстер и создава трајно влијание во областа“, вели Ева.
Напредок во кариера – од студент до инструктор и лидер
А Бреинстер не би била најдобрата едукативна организација ако не работи и на постојана доедукација и доусовршување на вработените што понатаму им овозможува кариерен напредок. Или како што појаснува Фросина, во тимот има повеќе алумни студенти од Бреинстер академиите, дел од нив на инструкторски или на лидерски позиции, кои низ годините се изградиле во врвни професионалци што сега им го пренесуваат своето знаење на студентите.
Петар, пак, дава уште поконкретна слика како се одвива унапредувањето:
„Неодамна, во еден ден тројца вработени добија можност да зачекорат на повисоко ниво и да добијат признание за она што го направија досега на професионално ниво, на личен, но и на компаниски план. Стефан, на пример, направи исчекор во кариерата и сега е извршен директор на Бреинстер Албанија. Неговата претходна позиција како директор на маркетинг одделот во Бреинстер, ја презема Бојан Даниловски, кој доаѓа на ова место од „performance marketer“ во организацијата, а негов наследник е Вилијам Додевски кој доби унапредување“.
Неограничени денови за одмор – работиме напорно, но се грижиме и за доброто на секој вработен
Уште неколку од предностите на работењето во Бреинстер се и другите поволности за вработените, што се однесуваат на приватните потреби и им овозможуваат вистински баланс помеѓу работата и личниот живот, вели Ева.
Или по ставки, Петар на следниов начин детално ги објаснува бенефитите за вработените:
„Неограничени денови за одмор и флексибилно работно време – работиме напорно, но правиме сѐ за да имаме позитивно влијание врз нашите животи надвор од работните часови, приватна здравствена заштита, работа од кое било место, инвестирање во вработените за учење и развој, поддршка на различноста и стабилност на работните места – Бреинстер 3 години по ред се стекнува со сертификатот за деловна успешност, а од годинава се вбројува и во ТОП 500 најуспешни компании во Македонија“.
Одржливоста на компаниската култура што ја негува Бреинстер се гледа и низ конкетни бројки.
Колку за илустрација, вели Стефан, кога тој се вработил во Бреинстер на почетокот на 2020, биле тим од 18 луѓе.
„Денес, во втората половина на 2023 веќе сме 70 вработени. Toa e раст од 290%“, вели Стефан.
Да се биде дел Бреинстер, значи прифаќање на голем број на професионални предизвици. Пионерскиот дух во обликувањето на образованието на иднината, работењето во Бреинстер го прави привлечно за иновативни и инспиративни индивидуалци со заедничка цел – создавање на врвна платформа и промена на образовниот пејсаж.